Македонија
Тренчевска: Предизвиците на лицата со попреченост се и наши предизвици

Дополнителната министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес беше на средба со Здружението на слепи на Општина Велес.
Како што информираат од МТСП, на средбата било разговарано за поголема инклузија на слепите лица во општеството и обезбедување на повеќе ресурси за да се овозможи полесно нивно функционирање во општеството.
Министерството за труд и социјална политика доследно ја покажува својата поддршка на слепите лица во државата, Доказ за тоа е покачувањата на средствата од државниот Буџет за националните сојузи како за здруженијата за слепи така и за здруженијата за глуви и наглуви. Оваа година министерството за Националниот сојуз на глуви и наглуви на РСМ издвои 12.547.000 денари, додека за Националниот сојуз на слепите лица на РСМ издвои 13.967.000 денари што е за два милиони повеќе од минатата година за двата сојузи засебно.
„Ги покачуваме средствата за работа на Сојузите, затоа што напредокот на лицата со попреченост е наш приоритет. Одлуките ги носиме согласно потребите на лицата со попреченост и тоа нема да се промени и во иднина. Напротив продолжуваме во континуитет да вложуваме особено во младите лица со попреченост затоа што го знаеме потенцијалот кој се крие во нив“, рече Тренчевска.
Таа го продолжи состанокот со разговори за секојдневниот живот на членовите на здружението и за плановите за нивни активности. Воедно по средбата пред Тренчевска беа презентирани и печатарите со кои Здружението подготвува материјали за читање за лицата со оштетен вид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.35 до 12.00 часот, корисниците од улиците Студеничанска и Драчевска, како и корисниците од реонот кој гравитира кон улицата Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.