Македонија
Тренчевска: Преку силно застапување за подобар пристап до информации до поголема родова еднаквост и телесна автономија
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како предводник на делегацијата на Република Северна Македонија во Женева, денес се обрати на регионалната конференција „Население и развој: Гарантирање права и избор“ во организација на УНЕЦЕ/УНФПА. На конференцијата беа истакнати точките на напредок во имплементацијата на Програмата за акција од Меѓународната конференција за население и развој од 1994 година.
Тренчевска во своето обраќање зборуваше за клучните точки од националниот извештај за ICPD30, што беше развиен во пресрет на конференцијата.
„Во Република Северна Македонија сведоци сме на слични промени во трендовите на населението, како што се гледаат во регионот на Источна Европа, како што се стареењето и миграцијата. Овие предизвици и аспектите на демографската отпорност се опфатени во тековното ажурирање на демографската стратегија и на националната стратегија за развој, која во моментот е во финална фаза на изработка“, рече Тренчевска.
Таа се осврна и на новата национална стратегија за млади 2023-2027 година и истакна дека таа е развиена со придонес на над 1.000 млади луѓе. Таа посочи дека на таков начин се таргетирани приоритетите на младите, како што е пристапот до информации и услуги, поддршка за одржување на нивното здравје и благосостојба, квалитетно образование, учество и вработување.
Тренчевска зборуваше и за напредокот на прашањето за родова еднаквост во државата со фокус на родовата еднаквост во приватниот сектор.
„Во постигнувањето на родовата еднаквост, дозволете ми да ја истакнам важноста на родово сензитивните политики во приватниот сектор, кои ги одразуваат одлуките за основање семејство и споделување на семејните обврски“, рече министерката.
На крајот од своето излагање Тренчевска повика на соработка и истакна дека со градење сојузи и поттикнување поголема транспарентност и одговорност регионот може да се справи со предизвиците што ги надминуваат капацитетите на земјите поединечно.
Учесници на делегацијата од РСМ се и д-р Теута Агаи-Демјаха, амбасадор и ПП на Република Северна Македонија при ООН во Женева; д-р Ана Данева-Маркова, претседател на Комитетот за безбедно мајчинство; Наташа Димеска, шеф на кабинетот во Министерството за труд и социјална политика; Афродита Шаља-Плавјанска, шеф на канцеларијата на УНФПА – Скопје, Бурим Билали, советник во ПМ на Република Северна Македонија при ООН во Женева; Александар Трајкоски, втор секретар во ПМ на Република Северна Македонија при ООН во Женева, и Анисија Угриновска, младински делегат на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.