Македонија
Тренчевска: Родовата еднаквост е наша цел, наша обврска, наша мисија
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска заедно со заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдштајн присуствуваа на промоцијата на прирачникот за менторство за жени во јавната администрација којшто е резултат на Менторската програма за жените во администрацијата спроведена од страна на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Мисијата на ОБСЕ.
Министерката своето обраќање го почна осврнувајќи се на сопственото искуство и заложбите кои ги има направено во однос на родовата еднаквост.
„За мене и за сите вклучени од исклучителна важност е оваа менторска програма за жените во администрацијата и како што можевме да видиме од последната презентација, секоја промена започнува од нас, тоа е дел од интервјуата или од евалуацијата на програмата и верувам дека секоја овде од нас ќе го потврди тоа“, рече Тренчевска.
![]()
Министерката го истакна значењето на процесот на менторирање на жени чијашто цел е зајакнување на едни со други, како и пренесување на претходно стекнатото знаење.
„Кога зборуваме за родова еднаквост зборуваме за човеково право. За еднаков третман и на жените и на мажите во администрацијата и не само на местата каде што се бара работа туку и на местата каде што се носат одлуки и токму ваквите обуки, овој процес на менторирање ја подига свеста кај сите нас. Жените се вклучени во администрацијата на позиции како што се раководители на сектори но, на високите позиции најголем број се мажи вклучувајќи ги и директорските позиции“, изјави Тренчевска.
Таа посочи дека тоа може да се промени само со свесни жени внатре во администрацијата и со жени кои имаат храброст и знаења да можат да се појават на позиции коишто значат раководење со одредена институција
Министерката на крајот од своето обраќање изјави дека очекува ваквиот пристап да биде практика не само кај јавниот туку и кај приватниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска, 06 февруари, започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јануари 2026 година.
Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство.
Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
Нови простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ги посетија новите простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово.
„Со денешната промоција целосно го заокружуваме процесот на реконструкција на новите просторни капацитети за Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. За таа цел, од Институтот се инвестирани околу 8,3 милиони денари. Регионалниот центар за трансфузија во Тетово, како составен дел на Институтот, опфаќа и три помали центри: во Гостивар, Кичево и Струга. Овој регионален центар ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и крвни продукти“, истакна министерот Алиу при посетата.

Тој нагласи дека Министерството во континуитет работи и на зајакнување на кадарот, посебно таму каде што се затекнати лица кои подолго време биле ангажирани со договор на дело.
„Во Институтот за трансфузиона медицина, кој има свои подрачни служби низ државата, кон крајот на минатата година заврши огласот за вработување и веќе се вработени вкупно 48 лица, а дел од нив се и тука во Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. Продолжуваат нашите заложби за зајакнување на инфраструктурните и човечките капацитети во јавните здравствени установи, со цел подостапни и поквалитетни здравствени услуги за сите граѓани во државата“, додаде Алиу.
Македонија
Сите патни правци во државата се проодни, магла на патот Штип – Неготино
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира АМСМ.
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри има на патниот правец Штип – Неготино кај Серта.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

