Македонија
Тренчевска: СДСМ продолжува со грижата за сите, обезбедуваме повисоки пензии и поддршка за ранливите категории граѓани
Претседателката на форумот на жени, Јована Тренчевска денеска се обрати пред граѓаните на трибината „Силно и одлучно кон иднината” во Крушево.
„Сакаме да разговараме со сите, во сите општини, во сите населени места, да дадеме отчет што е направено во овие 10 месеци, но и да ги слушнеме вашите проблеми, предлози, забелешки и мислења“ порача Тренчевски. каде присуствуваше и државната секретарка на Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ. Трибината ја отвори со поздравно обраќање градоначалникот Томе Христоски.
Таа истакна дека СДСМ има визија за економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет, додавајќи дека Владата предводена од СДСМ е континуирано посветена на грижа за граѓаните.
„Уште во првите денови од мандатот ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари, што е двојно повеќе отколку пред 5 години кога таа изнесуваше 9.000 денари. Три месеци над 320.000 граѓани добиваа по 1.000 денари дополнителна помош, а од септември имаат рекордно покачување од 6,8 отсто. Во следните четири месеци ќе им помагаме на над 200.000 граѓани од ранливите категории за полесно да се справат со последиците од кризата. Тоа е одговорно и државничко постапување, тоа е СДСМ“ посочи Тренчевска.
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ повика членовите на партијата да се посветат и да помагаат на граѓаните.
„Ве повикувам како социјалдемократи, подавајте рака секому, помагајте, обединувајте, допрете до секој член, до секој граѓанин, заедно да делуваме, затоа што така полесно и побрзо ќе ја надминеме и оваа криза.“ порача Тренчевска во Крушево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

