Македонија
Тренчевска: Со заедничка работа на институциите до поуспешни резултати во борбата против насилството
Во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање на Министерството за труд и социјална политика денеска се одржа работна средба, на која присуствуваа претставници на институциите, меѓународните и граѓанските организации, со цел презентација на мониторинг-извештаите за напредокот на државата при спроведување на Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција за период од октомври 2018 – декември 2021година од страна на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, се осврна на тоа дека нашата држава е меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството над жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), која влезе во сила на 1 јули 2018 година.
Во насока на имплементацијата, Владата го усвои акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството над жените и домашното насилство на Република Македонија 2018 – 2023.
Овој стратегиски документ ги дефинира активностите, клучните институции, индикаторите и временската рамка за преточување на одредбите на Конвенцијата во националното законодавство за периодот 2018 – 2023, велат надлежните.
„Анализата треба да ни даде насока каде сме добри и каде треба да ги засилиме напорите како институции, вклучително со граѓанските организации, кои се постојано на терен. Соработката помеѓу владините институции и граѓанскиот сектор треба да продолжи и понатаму, уште поинтезивно, со единствена цел успешна имплементација на политиките и резултатите што ќе ги дадат нашите очекувања, заштита од која било форма на насилство“, истакна Тренчевска.
Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство подготви три извештаи за напредокот на Македонија при спроведување на активностите предвидени во Националниот акциски план (2018-2023) за имплементација на Истанбулската конвенција. Првиот ги опфати првите две години, вториот извештај го опфаќа периодот до мај 2021 и третиот извештај се однесува за периодот од јуни до декември 2021 година.
Извештајот упатува на неопходност од поголема вклученост и координираност меѓу институциите и зајакнување на капацитетите на човечките ресурси од институциите, со цел поуспешно справување со предизвиците што се однесуваат на насилството врз жените и семејното насилство.
По презентацијата на извештајот, беше отворена дискусија за следните чекори за поуспешен процес на усогласување на Истанбулската конвенција со постојните национални политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

