Македонија
Тренчевска: Човековите права не важат само за одредена група граѓани, туку за секого, без исклучок
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, беше дел од панел-дискусијата „Справувањето со дискриминацијата како двигател за развој“, која беше дел од годишната конференција на Обединетите нации за 2023 година „Слобода, еднаквост и правда за сите“. Конференцијата има цел да промовира дијалог со цел да се изнајдат подобри начини за справување со дискриминацијата, погрешните информации, дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза помеѓу претставници од Собранието.
Тренчевска во своето обраќање зборуваше за одговорностите на Министерството за труд и социјална политика и за неговите надлежности истакнувајќи дека еднаквоста, недискриминацијата и социјалната правда се приоритет. Таа посочи дека во време кога развиена е вештачката интелигенција и во време кога е во подем технолошкиот развој, општеството сè уште нема доволно капацитет да живее во духот на толеранцијата и прифаќањето.
„Како Министерство, кое е одговорно за подобар квалитет на живот и добросостојба на граѓаните, го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, сепак законската рамка е она што го одредува текот на општествениот развој или подобро кажано насоката по која ќе се развива општествената свест. Во овој закон се забранува секаква дискриминација во делот на работата и работните односи затоа што секој што е граѓанин на нашата држава има право да биде економски независен и да креира живот кој е по негова мерка. Забрана за дискриминација во образованието, науката и спортот, социјалната заштита, домувањето, јавното информирање и медиумите, пристапот до добра и услуги“, рече Тренчевска.
Таа истакна дека главните решенија на предизвикот со дискриминацијата е подигање на свеста и негување на култура на почитување уште од најрана возраст.
„Сепак, според мене, клучното решение е работа со децата уште од најрана возраст, односно промената на начинот на воспитување. И тука не мислам на промена на нашите традиционални вредности, ниту воспитување, кое пркоси на семејните вредности, туку воспитување што носи прифаќање, поддршка и еднаквост“, истакна Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

