Македонија
Тренчевска: Владата на Мицкоски го враќа времето на сиромаштија и понижување на работниците, СДСМ не може да остане нем сведок на оваа ситуација
Катастрофални се економските политики на новата влада предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. По само 100 дена власт, резултатите се очигледни – пад на просечната плата, нема поголема минималната плата, има раст на цените и целосна деградација на работниците. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата е намалена за 1.000 денари. Ова е прв пат после седум години постојан раст платите да се намалуваат, вели пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска.
„Овој пад значи помалку пари во џебот на секој граѓанин, помалку можности за пристоен живот, и уште потежок удар врз стандардот. СДСМ се бореше и обезбеди постојано зголемување на платите, дури и за време на најголемата економска и здравствена криза. Во 2015 година, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, просечната плата беше 20.853 денари. Во времето на СДСМ, таа достигна над 41.000 денари, што покажува континуирана посветеност кон подобрување на животниот стандард. Но, што гледаме денес? Наместо раст, гледаме пад на платите. Нема покачување ниту на минималната плата која требаше да биде 450 евра“, посочува Тренчевска.
Како што вели таа, работниците, кои со години беа заштитени од нашите мерки за покачување на платите, денес се чувствуваат изиграни и разочарани од владата на Мицкоски по само 100 дена.
„Мерките кои ги предлага владата се задоцнети и неефективни. Замрзнувањето на маржите на само 73 производи не донесе никакво олеснување за граѓаните. Додека цените на основните производи продолжуваат да растат, владата на Мицкоски не успева да преземе конкретни чекори за да ги заштити граѓаните од поскапувањето. Ова не е влада што се грижи за граѓаните. Ова е влада која се обидува да ги замајува со 100 изговори. Работниците кои се надеваа на зголемување на платите се длабоко разочарани. Наместо тоа, политиката на евтина работна сила се враќа. Владата на Мицкоски го враќа времето на сиромаштија и понижување на работниците. СДСМ не може да остане нем сведок на оваа ситуација. Ќе се бориме за вистински економски мерки кои ќе го заштитат секое семејство и ќе го гарантира достоинството на работниците“, завршува Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

