Македонија
Трипуновски: Барам да се направи анекс на договорите како што дозволува ДКСК, прашање е зошто Николовски крева паника и не ги потпишува новите договори
„Денес сум на работен состанок со земјоделците од Овчеполието, поточно во општина Свети Николе. Денеска ќе разговараме за еден проблем за кој што се дигна голема галама, а немаше потреба од такво нешто, односно станува збор за продолжување на договорите кои што истекуваат согласно претходните склучени договори“, изјави дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
„Најголем дел од земјоделците имаат поднесено речиси сите уредно барање за продолжување, меѓутоа гледаме дека министерот и Владата сакаат да ја префрлат топката дека техничкиот министер го кочи процесот, дека собраниската комисија исто така, меѓутоа она што сакам јас денеска да го пренесам на земјоделците и вас на медиумите дека постои многу елегантно решение без притоа да се прават било какви измени на законот, а тоа е дека согласно поднесените барања од страна на земјоделците министерот по претходна одлука на Влада може да склучи договор за непосредна спогодба и во овој период иако се наоѓаме во предизборието. Јас пред мене го имам и дописот од ДКСК и од 2016 и од 2019 година каде што сакам да цитирам дека не постои законска пречка да бидат овие договори продолжени без притоа да се преголема политика, а земјоделците да се нервираат“, вели Трипуновски.
Како што посочува, на прашање дали постои законска пречка во овој период да се склучуваат вакви договори, одговорот од ДКСК е следниот: од денот на донесување за одлука за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници и изборот на Влада на Република Македонија НЕ ПОСТОИ законска пречка да се донесе одлука за давање согласност за склучување договори за земјоделско земјиште. Значи повторувам не постои законска пречка.
„Се поставува прашањето зошто актуелниот министер Николовски, зошто целата Влада го користи овој период да се дига паника помеѓу земјоделците, да се малтретираат и едноставно да бидат загрижени за својата производна сезона. Решението е овде, јас и вчера во текот на вчерашниот ден се обратив до медиумите и кажав дека решението е многу елегантно. Не знам зошто се прави паника и се прави политика од целава работа. Дали ова наликува на онаа паника која што ја направија со проблемите со патните исправи? Претпоставувам дека се они само креатори на една нереална ситуација која што сакаат да ја искористат за политички цели“, завршува Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.