Македонија
Трипуновски: До вчерашниот ден откупени се 1.400.000,00 килограми тутун, со просечна цена од 374,30 денари
„Денеска сум во посета на прилепскиот регион, во Тутунскиот комбинат за да направиме увид во текот на откупот на тутун за реколта 2024 година. Иако последниот законски рок од 15-ти декември се уште не е на прагот, меѓутоа гледаме дека делот од тутунарите го имаат предадено својот род“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Прилеп.
„Согласно податоците кои што се водат во системот до вчерашниот ден се откупени 1.400.000,00 килограми со просечна цена од 374,30 денари. И истиот е исплатен некаде околу 45% на земјоделците“, појасни министерот.
Министерот Трипуновски додаде дека Земјоделскиот инспекторат го следи овој процес.
„Ние како Министерство сме во комуникација со сите здруженија. Го следиме целиот процес, и веќе од идната недела очекувам да имаме зголемено предавење на тутунот од оваа реколта“, истакна министерот.
„Тутунарите не треба да бидат загрижени, бидејќи оваа година ќе имаме поголем просек на откупна цена во однос на претходната година“, порача министерот Трипуновски.
Тој посочи дека како Влада, како Министерство постојано се во комуникација со откупувачите, со тутунопроизводителите, со сите здруженија кои што гравитираат во овој сектор. И во текот на изјавата министерот истакна дека нема да има незадоволен тутунопроизводител оваа година. Министерството нема да дозволи разочарувања како што имаше во минатото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се огради од народот, сега на камерите во Скопје може да види колку е паднат стандардот на граѓаните, велат од СДСМ
„За само 12 часа од поставувањето на камерите од системот во Скопје се покажало дека има над 1.000 возила кои биле нерегистрирани. Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, велат од СДСМ.
„И тоа зборуваме за паднат стандард во Скопје, во главниот град, колку е само полоша состојбата во помалите градови и населени места?
Економијата паѓа а народот едвај преживува.
Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија.
Мицкоски се огради од народот па сега ќе може да гледа на камери.
Додека власта се гоштева со папаја и манго, се вози со бизнис класи, додека врти милионски тендери за испумпување на партите на граѓаните -народот нема пари ниту за регистрација на возилата.
Тоа „економски тигар“ им го донесе на граѓаните и им го постави како „стандард“.
СДСМ ја тргна оградата пред владата одма после рушењето на режимот на Груевски, просторот и вратата во Владата беше отворена за граѓаните, затоа што им припаѓа на граѓаните.
Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда. Работата сè уште не е завршена“, соопшти СДСМ.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.

