Македонија
Трипуновски: СДС за 7 години не успеа да ја изгради втората фаза од хидросистемот „Злетовица“ за наводнување 3.500 ха иако им оставивме готов проект

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипиновски денес е во работна посета на Пробиштип каде што го посети хидросистемот Злетовица и оствари средба со повеќе земјоделци и сточари од овој регион.
ВМРО-ДПМНЕ во минатото ја изгради првата фаза на овој хидросистем којшто практично значи вода за пиење на преку 100.000 жители во регионот, но Владата на СДС и ДУИ не успеа да ја изгради втората фаза иако ВМРО-ДПМНЕ им остави изработена проектна документација. Оваа втора фаза којашто не е изградена треба да обезбеди вода за наводнување за над 3500 ха земјоделска површина од овој регион. – изјави Трипуновски и додаде:
„Познато е дека голем дел од земјоделското земјиште се пренаменува за поставување на фотоволтаици, истиот пример го имаме и во регионот на Пробиштип каде што преку 300 ха се пренаменети за изградба на фотоволтаици, а не и за земјоделско производство. После 8ми мај доаѓаат сериозни инвестиции во делот на водостопанството, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја реализира и втората и третата фаза од овој хидросистем. – заврши Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Македонија
„Вреди“: Посакуваме Бектеши да ја докаже невиноста, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за Кочани

Коалицијата „Вреди“ посакува ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши да ја докаже својата невиност во случајот со лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани, без оглед на ривалството со Интегративците.
„Без разлика што сме лути политички противници, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за трагедијата во Кочани. Но, за тоа одлучуваат правосудните органи, а не политичките чинители“, велат од „Вреди“.
Понатаму додаваат дека ДУИ веќе се претвориле во партија чија единствена идеологија е одбрана на своите поранешни функционери. За таа нивна цел, како што додаваат, се подготвени да ги бојкотираат локалните избори и да се обидат да предизвикаат политичка криза.
„Кога ДУИ зборува за систем, треба да одговори на што точно мисли. На системот кој нивниот режим го создаваше 22 години, додека беа дел од сите Влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? На Јавното Обвинителство на Ислам Абази? На бегалците од правдата Артан Груби и Прпарим Бајрами? На системот на владеење кој од голобради функционерчиња на ДУИ направи милионери на грбот на Албанците? На системот во кој имаше селективна одговорност за трагедиите со модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс?“, се додава во соопштението на коалицијата на албанските партии која е дел од владејачката гарнитура.
Понатаму заклучуваат и дека колку и да се препелка ДУИ, колку и лажно да се претставуваат како фактор меѓу Албанците, политичкиот крај на ова нивно корумпирано раководство пристигнува.