Македонија
„Трошки за здруженијата на граѓаните во општинските буџети“, истражување на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации, денес, го објави истражувањето „Трошки за здруженијата на граѓаните во општинските буџети“.
Истражувањето открива дека општините преку буџетската ставка 463 – наречена Трансфери до невладини организации- во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно, велат од ЦГК.
Како што објавуваат од ЦГК, истражувањето ги покажало следниве клучни наоди:
• Здруженијата на граѓани и фондациите не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
• Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации – се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното.
• Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест и пол пати повеќе односно просечно по 488 илјади денари.
• Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита по што следуваат проекти од областа од културата и на животната средина. Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
• Јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините. Но, во нив најчесто не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.
• Повеќето од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите што добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. А не се бараат од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземена дрога испратена во мала пратка и огнено оружје од скопјанец
Одземени 30 грама дрога и пиштол од скопјанец, по заедничка акција на инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа и крим полицијата при МВР.
Дрогата е откриена при претрес на лицето извршен откако истото подигнало пратка во Пошта пристигната од Германија. Во координација со дежурен јавен обвинител, инспектори од Секторот за контрола и истраги заедно со припадници од МВР извршија и претрес во домот на лицето каде е пронајден пиштол кој е одземен од страна на царинските инспектори, соопшти Царинската управа.
Против лицето ќе биде поведена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Царинската управа согласно приоритетите во континуитет спроведува акции за сузбивање на сите форми на криминал, грижејќи за безбедноста на своите граѓани, додаваат во соопштението.
Скопје
Санкционирани 191 непрописно паркирано возило на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје санкционираа 191 непрописно паркирано возило кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 13.05. до 19.05.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 102 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 89 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се додава во соопштението на ПОЦ.
Македонија
Пожарникарите извлекоа паднат човек во реката Драгор
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола од 18.45 до 19.35 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на извлекување паднат човек во река Драгор кај месноста „Сали Мост“.
Паднатото лице не било повредено.
Од ЦУК апелираат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита… и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.