Македонија
Тројка надеж: на Клиниката „Жан Митрев“ на свет донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат во 31. гестациска недела
На 4 јуни 2025 година, во Клиника Жан Митрев на свет беа донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат, од природно зачната тројна бременост, реткост во современата медицина. Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31-та гестациска недела, новороденчињата моментално се во стабилна состојба и се згрижени во Центарот за мајка и бебе под надзор на неонатолозите. Тие добиваат неинвазивна респираторна поддршка (CPAP). Виталните параметри се стабилни и медицинските тимови внимателно ги следат со надеж за брзо заздравување и отпуштање дома.

Со ова породување и официјално започнува со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиника Жан Митрев.
Првото новороденче, Мелис, тежи 1390 грама и е долго 42 см. Второто бебе, Мира, тежи 1270 грама и е долго 36 см. Третото предвремено родено бебе, Малахат, тежи 1340 грама и е долго 40 см. Бременоста се развивала природно, без медицинско потпомогнато оплодување, од три оплодени јајце-клетки. Целокупниот процес на следење, водење и породување беше изведен од мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри, со користење на најсовремена опрема и протоколи.

Пренаталната грижа започна од 11-та гестациска недела и беше водена од прим. д-р Љупчо Петровски, д-р Јелена Голубовиќ Симјановски и д-р Ненад Лазаров. За време на хоспитализацијата пациентката беше следена од д-р Владимир Кижески. Породувањето со царски рез беше извршен од тимот предводен од д-р Менду Јегени, во соработка со д-р Кижески, д-р Саша Јовчевски, д-р Голубовиќ Симјановски и анестезиолозите д-р Марко Ѓоргон и д-р Сања Маринковиќ. Бебињата беа веднаш преземени од три педијатриски тима под водство на д-р Рената Димитроска – субспецијалист по неонатологија, заедно со педијатрите д-р Весна Деловска, д-р Маја Ангелеска Викторијоски, д-р Катерина Димовска и д-р Милена Спирковска.

„Нивното доаѓање на свет ни донесе огромна радост, но и потврда дека кога знаењето, искуството и современата технологија се здружат, можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Мелис, Мира и Малахат се наши мали херои,“ изјави тимот од Центарот за мајка и бебе.
Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености од природен пат, како оваа се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8000 случаи. Ова породување претставува не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. На нивната мајка, г-ѓа Мубеџел Бектешова од Скопје, ѝ посакуваме брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат – живот исполнет со љубов, здравје и сила.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

