Македонија
Тројца починати и 25 новозаболени од коронавирус
Тројца починати и 25 новозаболени се регистрирани денеска во државата.
Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти, и тоа во: Скопје – 11, Куманово – 4, Тетово – 1 и Велес – 1.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Струга (58) и пациент од Скопје (47) и двајцата долго време поставени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ почина пациент од Тетово (41), хоспитализиран на 19 мај.
Во последните 24 часа направени се 622 тестирања, а регистрирани се 25 нови случаи на Ковид-19, и тоа во: Скопје – 14, Куманово – 2, Штип – 4, Прилеп – 1, Тетово – 2, Струга – 1, Велес – 1.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.039, бројката на оздравени пациенти е 1.470, на починати е 119, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 450. Последната дистрибуција по градови е:
• Скопје – 747, активни 210
• Куманово – 438, активни 33
• Дебар – 51, активни 0
• Штип – 50, активни 15
• Прилеп – 211, активни 47
• Тетово – 179, активни 70
• Струга – 77, активни 9
• Велес – 128, активни 40
• Битола – 28, активни 7
• Охрид – 23, активни 8
• Кавадарци – 5, активни 0
• Гостивар – 22, активни 4
• Гевгелија – 4, активни 0
• Струмица – 3, активен 1
• Крива Паланка – 6, активни 0
• Радовиш – 4, активни 0
• Крушево – 3, активни 0
• Кочани – 31, активни 0
• Пробиштип – 2, активни 0
• Кичево – 2, активни 0
• Неготино – 10, активни 3 (7 заболени лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)
• Демир Хисар – 1, активни 0
• Македонски Брод – 2, активни 0
• Пехчево – 3, активни 0
• Делчево – 1, активни 0
• Валандово – 1, активни 0
• Виница – 3, активен 1
• Кратово – 2, активен 1
• Берово – 1, активни 0
• Свети Николе – 1, активен 1
Направените 622 теста се преку: ИЈЗ – 278, Ветеринарниот факултет – 24, „Авицена“ – 20, „Биотек“ – 48, „Филип Втори“ („Жан Митрев“) – 79, „Систина“ со PCR-метода – 54 и МАНУ – 119. Досега во земјата се направени вкупно 26.463 тестирања на Ковид -19.
Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 251 тест се во рамките на скринингот во градинките и геронтолошките установи. Тестирањата се направени преку центрите за јавно здравје во Кочани, Куманово и во Скопје, а регистриран е еден позитивен случај во геронтолошка установа во Скопје. Досега преку скринингот направени се 2.680 тестирања на Ковид-19, а регистрирани се вкупно три позитивни случаи на вирусот.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатите 24 часа нема нови приеми, хоспитализирани се вкупно 50 пациенти. На кислородна поддршка се 25, на механичка вентилација е 1 пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 7 нови, а вкупно хоспитализирани 26 пациенти. На респиратор се 6, a со потешка клиничка слика се уште 8 пациенти.
Во болницата во Битола хоспитализирани се 4 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 4 пациенти. Во болницата во Штип хоспитализирани се 7, а на домашно лекување се следат 2 пациенти. На инфективните одделенија во Велес, Куманово, Прилеп и во Охрид хоспитализирани се 40 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.
—
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

