Македонија
„Трчај бе“ овој викенд во Битола со 1.400 трчачи од 12 земји
На македонскиот спортски календар за септември, „Трчај бе“ е трката што четврта година доминира. Битола е подготвена за најголемиот спортски настан што ја очекува оваа недела, на 4 септември, а тоа е четвртото издание на трката, која за мошне кратко време се наметна по својата популарност и кај рекреативците и кај врвните атлетичари, а од минатата година доби меѓународно значење со организирање на Балканското првенство во полумаратон.
Годинава, според бројот на пријавени учесници што го соопштија организаторите и изнесува 1.400, кои доаѓаат од 12 земји од светот, ова ќе биде најмасовното издание досега. „Трчај бе“ годинава е и национално првенство во полумаратон, кое стои официјално во календарот на Атлетската федерација на Македонија.
„Врвни атлетичари од повеќе земји и домашни вљубеници во трчањето ќе трчаат на трите патеки долги 5, 10 и 21 км низ Битола. Ќе биде и големо и масовно издание. Полумаратонот, кој минтата година го организиравме првпат и беше балканско првенство, годинава ја продолжува традицијата да биде ставен на атлетската листа на настани како национално првенство и тоа е голем комплимент за нас како организатори.
Пријавена е целата македонска атлетска елита, на листата имаме и атлетичари од странство, многубројни компании, кои токму овој викенд ги испланираа своите тим билдинг активности и, се разбира, учесници рекреативци“, истакна Никола Димитровски, директор на трката.
Битола веќе неколку месеци интензивно се подготвува да ги дочека учесниците и гостите, кои во градот под Пелистер четврти пат ќе направат празник на трчањето. Се подготвува и придружна програма, која ќе направи вистински спортско-забавен хепенинг во градот по патеките, а на главната сцена настап ќе има и „Љубојна“. Во градот нема веќе слободно хотелско сместување поради големиот број гости и натпреварувачи, што е убав пример на спортски туризам, кој носи профит за градот домаќин на трката.
„Во ‘Трчај бе’ многубројни спонзори препознаа проект што е интересен за нивна презентација и таа поддршка е значајна за да се изведе квалитетно овој голем и масовен настан. Убаво е кога гледате како компаниите и граѓаните се свесни што ова носи за градот и како настан, но и како концепт што носи профит во многу придружни сектори, освен туризмот“, истакна Димитровски.
Оваа година вторпат во ПР-кампањата за трката беа вклучени и студентите од тренинг-програмата за графички дизајн на Monday Learning, кои се обидоа да ја раскажат приказната за „ТрЧај бе“ и оваа година е инспирирана од „битолцизмите“ и од градскиот хумор пренесувајќи колку едноставна е љубовта кон трчањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

