Македонија
Тунел за дезинфекција за Институт за белодробни заболувања кај децата
Сојузот на стопански комори обезбеди тунел за дезинфекција за Институт за белодробни заболувања кај децата.
Поставувањето тунел за дезинфекција пред влезот во болницата значително ќе ја намали можноста за внесување на вирусот во болницата, што е особено важно бидејќи се работи за деца со респираторни проблеми и белодробни заболувања и нивната заштита од вирусот е од исклучително значење. Тунелот производ на Трефоил инженеринг со поддршка на АГ-П, има резервоар од 1.000 литри, млазниците на пумпата создаваат аеросоли и до 600 лица може да се дезинфицираат за еден час. Уредот е планиран за децата кои се примарни пациенти, здравствените работници и сите други посетители и е целосно безбеден.
„Сојузот на стопански комори на Македонија, од почетокот на пандемијата ја истакнува важноста од мобилизација и солидарност која во услови на здравствено-економска криза, борба за човечки животи и спас на економијата е од непроценливо значење. Во овие тешки времиња, сите иницијативи за ставање во функција на расположливите ресурси со цел заштита од Ковид-19, се екстремно важни. Продолжуваме и активно ќе помагаме, да се пребродат состојбите, но и да се зачува здравјето на ранливите категории, децата и идните генерации“, изјави Драган Митковски, потпретседател на Сојузот и додаде дека иницијативите ќе продолжат, со приоритет на донации на храна, опрема за медицинска заштита и итна помош особено за најранливите категории.
Во тунелот за дезинфекција има прскалки, кои се активираат со притискање на копче пред да влезат, а потоа се создава облак за дезинфекција низ кој лицето кое влегува во болницата поминува.
„Ова претставува највисоко ниво на епидемиолошка заштита. Тунелот е од големо значење за дезинфекција затоа што обезбедуваме заштита на децата и на вработените во Институтот за белодробни заболувања Козле, како и од потенцијални носители на вирусот од лицата кои ќе доаѓаат во посета во иднина”, соoпшти директорот на Институтот, д-р Ангелчо Андоновски, кој истакна благодарност и потенцира дека со оваа помош за јавно-здравствената установа ќе се овозможи да се зголеми степенот на заштита не само за децата, туку и за родителите и медицинскиот персонал.
Во изминатиот период Сојузот на стопански комори организира кампањи и акции за обезбедување опрема за ранливите категории. Комората на сметководители и нејзините членови се ставија на располагање на државните институции за про боно помош, особено за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување акциски план, но и организираа акција за обезбедување опрема за заштита за медицинскиот персонал. Туристичко-угостителската комора и нејзините членови обезбедуваа храна и оброци за лицата кои припаѓаат на ранливи категории, како и припадниците на органите на државната управа и медицинскиот персонал кои се изложени на најголем ризик, а дел од хотелите ги отстапија своите капацитети за организирање државен карантин. Сојузот изготви и објави пред два месеца Водич за приватен сектор за справување со Ковид -19, во кој на едно место може да се најдат сите процедури, насоки и прописи за намалување на ризикот од ширење на болеста, како и мерките за кои може да се аплицира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

