Македонија
Тупанчески: На бизнисот му се потребни стабилно деловно опкружување и независно судство
Министерот за правда, Никола Тупанчески, се обрати на панел-дискусијата на тема „Владеење на правото за економски раст“.
Осврнувајќи се на развојот и соработката на Македонско-германското стопанско здружение, Тупанчески рече дека на бизнисот му се потребни стабилно и предвидливо деловно опкружување, ефикасни институции, независно и транспарентно судство.
„Бизнисот секогаш бара правна сигурност, стабилност и континуитет, а еден од основните предуслови е да функционира владеењето на правото. Довербата во институциите е од клучно прашање и затоа треба да се преземат низа мерки, активности и промени, кои ќе придонесат да се зајакне довербата во државата, но и во судството. Еден од инструментите за зајакнување на довербата на граѓаните во судството и правната сигурност на компаниите е зголемување на транспарентноста во работењето на судовите“, нагласи тој.
„Министерството за правда во последните измени на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет се раководеше, меѓу другото, и од овие постулати сè со цел да се обезбеди владеење на правото и воедно да ја зајакне правната сигурност на граѓаните и компаниите во судскиот систем. Подобрување на бизнис-климата ќе се овозможи и со процесот на дигитализација на судството. Со неа ќе се забрзаат постапките на сите нивоа, ќе се намали корупцијата, ќе се олесни доставувањето докази и документи, а ќе се подобри и комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции“, рече Тупанчески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

