Македонија
Тупанчески: Оваа година треба да се случи ренесанса на правосудството
Министерот за правда Никола Тупанчески учествуваше на 7 панел дискусија на меѓународната конференција,,Скопски економски и финансиски форум” на тема ,,Новите предизвици на доброто владеење”.
Тупанчески во својата дискусија се осврна на активностите кои ги презема Министерството за правда во делот на реформите во правосудниот и обвинителскиот систем и антикорупциската правна рамка.
,, Клучните елементи на доброто владеење, кои претеставуваат темел на демократијата, вклучуваат стратешка визија, активно учество на граѓаните, следење на нивната состојба и потреби, одговорност и отчетност, транспарентност, консензуални одлуки, ефективност и ефикасност на службите. Новата парадигма на одговорност го редефинира управувањето, односно владеењето како меѓузависност меѓу владини и невладини фактори во справувањето со современите предизвици и осмислувањето и следењето на јавните политики. Во развиените системи, современото управување подразбира преговарање, договарање и консензус наместо наметнување на авторитети.Професионалниот, ефикасен и непристрасен систем е гаранција за владеење на правото и заштита на човековите права.Институциите можат да го поддржат економското закрепнување преку одговорно управување со јавните ресурси, кратење на непродуктивните трошоци, намалување на административниот товар, поедноставување на административните процедури, стратегиско инвестирање во човечкиот капитал” рече Тупанчески.
Министерот за правда Никола Тупанчески очекува оваа година да се случи ренесанса на правосудството а како примери ги наведе носењето на Законите за спречување на корупција и судир на интереси, за судовите, за судскиот совет, за лобирање, за заштита на укажувачи.
Подготвен е и предлог на закон за поврат на имот кој ќе биде основа за преземање активности во врска со пронаоѓањето и идентификувањето на приноси, друг имот или имотна корист што произлегле или с ево врска со кривично дело што може да бидат предмет на привремена забрана за располагање или конфискација.
Наш најголем предизвик , според Тупанчески е да создадеме услови за доследна примена на законите. Во таа насока, неопходна е соодветна проценка на влијанието на регулативата, развој на човечките ресурси и обезбедување на соодветни материјално технички услови во институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Татко и син тргувале со марихуана
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, татко и син од гевгелиското село Богородица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес со судска наредба во домот на осомничениот татко на 17 декември, како што информираат од Обвинителство, биле откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор со електрична инсталација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за претходно производство на наркотична дрога-марихуана.
-Осомничениот син, пак, посредувал во купопродажбата на марихуаната. Дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на дедо му каде престојувал. Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците на кривичното дело јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија доставил предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.

