Македонија
Тупанчески од Тирана: Правосудството е клучно за ЕУ, со Албанија немаме отворени прашања
Министерот за правда Никола Тупанчески и заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, кои се во дводневна посета на Тирана остварија средба со министерот за правда на Република Албанија, Улси Мања.
На заедничката прес-конференција Тупанчески и Мања информираа за реформите во правосудниот систем на двете држави, процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ.
Министерот за правда Тупанчески рече дека меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија нема отворени прашања.
„Имаме заедничка цел, а тое е ЕУ. Поглавјето 23: Правосудство и темелни права е клучно за реформите. Токму поради тоа неопходно е двете држави во наредниот период да ја интензивираат соработката и да разменат искуства, идеи и мислења. Убеден сум дека двете влади имаат волја заеднички да ги решаваат проблемите. Зајакнувањето на правните системи, како и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем, ќе придонесе да се достигнат меѓународните стандарди на двете земји”, изјави Тупанчески.
Министерот за правда на Албанија, Улси Мања, информираше за процесот на ветинг кој според него бил исклучително сложен, но сепак дал позитивни резултати. Дури 60 отсто од судиите и обвинителите ја напуштиле функцијата поради неможноста да го докажат потеклото на имотот. Тупанчески го информираше Мања и за процесот на регистрација на бугарски здруженија во нашата држава и мерките кои ги презема Министерството за правда околу подготовката на Законот за здруженија и фондации. Беше отворено и прашањето за правата на малцинствата во Албанија со посебен акцент на примената на Законот за малцинства на Република Албанија. Двајцата министри се договорија соработката на билатерално ниво да се интензивира во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

