Македонија
Уапсени полицајци – дозволиле студенти од Турција нелегално да престојуваат во земјава
По неколкумесечна предистражна постапка, денеска полициски службеници од Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршија претреси на 15 локации во Скопје, Штип и ГП Долно Блаце. Притоа се приведени 11 лица, а две лица се недостапни на органите на прогонот.
„Осомничените физички лица од месец јануари до месец април годинава во Штип, со искористување на своето претпоставено влијание врз осомничените полициски службеници од ГП Блаце и инспектори од Секторот за странци во Штип, со кои имале претходно воспоставени пријателски односи, во најмалку четири наврати овозможиле на најмалку пет странски државјани кои незаконски престојувале во РСМ непречено да го регулираат својот престој. Осомничените физички лица за определена награда посредувале и преземале дејствија со цел турските државјани чиј рок за одобрен престој заради студирање им бил истечен да се стекнат со дозвола за одобрен привремен престој во РСМ“, соопшти Обвинителството.
Осомничените полициски службеници прифаќајќи го влијанието од посредниците, со намера да прибават за себе имотна корист, ги пречекориле границите на своите службени овластувања и не ја извршиле својата службена должност. Имајќи предвид дека незаконскиот престој согласно одредбите од Законот за странци е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, осомничените го оштетиле и Буџетот на РСМ.
Јавниот обвинител имајќи ги предвид околностите, оцени дека се исполнети условите и до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор за петмина осомничени, додека за осум лица предлог за определување мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарското МНР: Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водење на отворен дијалог
Бугарското министерството за надворешни работи изразува длабоко разочарување од неконструктивното однесување на Република Северна Македонија, официјално обвинувајќи го Скопје за манипулативни изјави, недостаток на вистински дијалог и неподготвеност да ги исполни обврските преземени согласно Европскиот консензус од 2022 година, пишуваат бугарските медиуми.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување од континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста. Уште еднаш, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ“ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Ова не е прв пат Скопје официјално да дава толку нејасни и манипулативни изјави.
Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го привлекуваме вниманието на фактот дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Имплементацијата зависи исклучиво од Скопје на сите мерки наведени во консензусот, со цел да се унапреди процесот на европска интеграција.
Секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. Од почетокот на мандатот на сегашната влада на Република Северна Македонија, секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји.
Што се однесува до предлозите и оценките дадени од министерот Муцунски за пристапот на Бугарија кон презентираниот нацрт-план за правата на заедниците, ве потсетуваме дека тој беше отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуство на фундаментални принципи во него за гарантирање на заштитата на човековите права. Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“, се наведува во соопштението од бугарското МНР.
Македонија
Значајни одлуки за напредокот на граѓаните, демократијата и европската иднина на државата на денешната владина седница, соопшти Митева
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, изјави владината портпаролка Марија Митева.
„Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес.
Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања“.
Дополнително, истакна таа, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство се правим важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
Законот како што појасни, овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди.
„Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.
Ние продолжуваме да носиме одлуки кои значат напредок и за граѓаните, и за демократијата, и за европската иднина на државата“.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.

