Македонија
Уапсен и последниот учесник во престрелката во Мала Речица
Полицијата го уапси Дритон Ферати по кој се трагаше по престрелката во Мала Речица, во која беше убиено едно лице , а двајца се повредени. Ферати по приведувањето е спроведен во Истражниот затвор „Скопје“, откако судија на претходна постапка на 12 лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Против 12-мината се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „убиство“, „убиство во обид“ и „соизвршителство“. Флорим Мисини, кој се здоби со тешки телесни повреди е задржан на болничко лекување, поради што не може да ја издржува мерката притвор. Тој се опоравува на интензивното одделение по извршената операција на КАРИЛ.
Во вооружената престрелка која се случи пред два дена учествувале две групи на лица кои биле со неколку автомобили. Притоа, во престрелката беше убиен Наип Реџепи (47) од село Белановце, Липковско, додека со тешки телесни повреди се здобил М.Ф, 23-годишник од кумановското село Черкези, кој поради серозноста на повредите веднаш бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Во пукањето со телесни повреди се здобил и 42-годишниот кумановец Р.С.
Како што информираат од полицијата, на местото на настанот пронајдени биле осум испукани чаури од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција и три зрна од куршуми, траги од крв и една безбол палка. Во рамки на полициската операција во едно од возилата, лоцирано непосредно по пукањето, кога и биле приведени двајца од 12 осомничени, пронајдени биле и два пиштоли марка „Валтер П99“ со калибар 9 милиметри, како и пиштол марка „Брауинг“ исто така калибар 9 милиметри, кои биле употребени во пресметката во Мала Речица. Во врска со овој случај, по наредба на јавен обвинител извршени биле претреси на 12 локации во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

