Македонија
Убиената мигрантка Фатмата ќе биде погребана по три месеци, откако беше застрелана од пиштол на полицаец во Гевгелија
Телото на 23-годишната Фатмата Камара од Сиера Леоне, која беше застрелана кај касарната во Гевгелија од полициски пиштол, после три месеци е предадено на нејзиниот сопруг Абу Бакар. Телото ќе биде пренесено во Сиера Леоне за достоен закоп. Организацијата Second tree објави дека заврши тримесечната сага која почна со насилна смрт на девојката при обид преку мигрантската рута и Македонија да стигне до западна Европа.
„Фатмата си оди дома. Нејзиното тело денеска ја напушти Северна Македонија. Таа наскоро ќе биде во Сиера Леоне со семејството, на нејзиното последно патување. Маријату и Бинтија, нејзината мајка и сестра, ни кажаа колкаво олеснување им приредило читањето на пораките на социјалните мрежи во кои се изразувало сочувство за смртта на Фатмата. Да знаеш дека не се сите луѓе во Европа како полицаецот што пукал во неа, дека има многу што се грижат за неа. Ќе ги собереме сите овие пораки и ќе ги дадеме на семејството, можеби ќе прочитаме некои од нив на погребот. Абу Бакар нема да биде на погребот. Решил да остане во Скопје за да се бори за вистината и правдата за сопругата. Тој денеска и го даде последното збогум, откако помина низ емотивна и бирократска голгота. Репатријацијата на Фатмата по нејзината смрт беше неверојатно тежок, долг и скап процес. Видовме секакви работи, од едноставна бирократска неефикасност до отворена корупција. Воедно, сакаме да им се заблагодариме на многуте добри луѓе кои ја понудија својата помош. Донаторот, кој побара да остане анонимен, кој го плати најголемиот дел од трошоците, сите оние кои помогнаа дури и со зборови на поддршка, оние кои ја завршија својата работа или повеќе од нивната работа, семејството на Фатмата да може да се збогува со неа. Збогум Фатмата, те сакавме многу, и секогаш ќе те сакаме“, стои во објавата на организацијата.
Мигрантката Фатмата во моментот на пукањето била со нејзиниот сопруг Абу Бакар, кој барал правда за неговата сопруга. Фатима ја минала грчката граница, откако земјата го одбила нејзиното барање за азил. Живеела во бегалски камп. Таа е убиена при турканица помеѓу шверцери на мигранти.
Истрагата трае, а главен осомничен е полицаецот, иако МВР првично соопшти дека криумчарот бил тој што стрелал. Обвинителството сметаше поинаку и побара да му биде одземен пасошот на полицаецот кој е првоосомничен, но истрагата се уште не е завршена и не е утврдена одговорност за смртта на Фатмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

