Македонија
Уважена жалбата на Асмир Јахоски: излегува од притвор со парична гаранција
Апелациониот суд Скопје информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KСЖ-406/25, на нејавна седница одржана на ден 06.05.2025 година, ја уважиl жалбата на осомничениот А.Ј од С.
„Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000,00 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија.
Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост:
– обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, и
– привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа
При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан.
Вака донесената одлука со образложени причини за истата, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, се истакнува во официјалното соопштение од судот.
Јахоски е дел од истрага против 13 лица и една фирма за злоупотреби и перење пари при набавка на мазут со сомнителен квалитет за државните електрани.
Претходно судот ја одби гаранцијата од еден милион евра во замена Јахоски да биде пуштен од притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

