Македонија
Украс во Владата ќе биде и портрет од Талат Џафери, техничкиот премиер во заминување
Техничкиот премиер Талат Џафери на Фејсбук објави дека во Владата е истакнат и неговиот портрет како премиер на техничката Влада, која следниот викенд се очекува да биде сменета со новата влада предводена од Христјан Мицкоски.
Портретот на Џафери го насликал уметникот Едмонд Драми.
„Благодарам Едмонд Драми за маестралното сликање на мојот премиерски портрет. Ти посакувам понатамошни успеси во уметничкото патешествие!“, напиша Џафери на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за пластична хирургија извршени две сложени микрохируршки операции
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија се извршени две исклучително сложени микрохируршки операции кои траеја од 6 до 12 часа и бараа највисок степен на подготовка, експертиза, прецизност и тимска координација, информираат од Министерството за здравство. Операциите, како што е соопштено, се извршени под менторство на проф. д-р Јан Јерун Вранкс од Белгија, истакнат европски и светски експерт во областа на реконструктивната микрохирургија и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
– Овие интервенции се доказ дека кога во нашите клиники се вложува во знаење, современи техники и тимска работа, резултатите се на ниво на најдобрите европски центри. Благодарен сум за поддршката и менторството од проф. д-р Јан Јерун Вранкс и горд на целиот тим на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, затоа што со вакви зафати влијаеме на враќање на довербата во квалитетот на услугите кои граѓаните може да ги очекуваат од јавното здравство, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Директорката на Клиниката, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска истакна дека интервенциите претставуваат огромен чекор кон развојот на современата реконструктивна микрохирургија во нашата земја.
– Успешно извршените интервенции се уште една потврда за способностите и стручноста на домашниот медицински кадар и на мотивираната соработка со светски експерти како проф. д-р Ј.Ј. Вранкс, кој нè води и насочува со ентузијазам и амбиција кон една фасцинантна ера за македонската реконструктивна пластична хирургија“, посочува директорката.
Постоперативно, двајцата пациенти се во стабилна и добра општа состојба.
– Кај еден од пациентите е третиран комплексен дефект на носот по ресекција на тумор. Изведена е целосна тродимензионална реконструкција на носот. Операцијата вклучуваше употреба на ’рскавица за формирање носна структура и слободен кожен резен кој ги обложува овие структури како и подот на носот, со неопходно спојување на крвни садови под микроскоп. Овој вид реконструкција, изведена во еден оперативен чин, е исклучително редок дури и на светско ниво, појаснува д-р Бисера Николовска, раководител на одделот за микрохирургија и реконструктивна хирургија.
Од Клиниката нагласуваат дека успешните интервенции се резултат на заедничката работа и посветеност на мултидисциплинарен тим составен од:
пластични хирурзи: науч.сор. д‑р Бисера Николовска, ас. д‑р Гордана Георгиева, ас. д‑р Благоја Србов, како и специјализантите: д‑р Јасмина Добревска, д‑р Елизабета Мјовска, д‑р Викторија Ончева, д-р Емона Кадриу и д-р Сања Петровска. Тимот од анестезиологија е составен од: д‑р Мирјана Бурмузовска; анестезиски техничари: Марјан Трајановски, Хатиџе Исеини и сестри инструментарки Анита Петрушевска и Снежана Чукниева.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Жерновски и Филипче се доказ дека во СДС нема нов почеток, туку кадри што се симбол на неуспех, предавство и скандали
Кадри како Жерновски и Филипче се симбол на неуспех, предавства и скандали. Доказ за тоа дека во СДС нема нови лица, ниту пак некакви реформи е тоа што Андреј Жерновски е дел од раководството на Филипче. Прелетач од ЛДП во СДС на Заев, дојден за функција, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски, како што вели тој, е неуспешен и скандалозен дипломат.
„Шеташе по Букурешт, претставувајќи се како амбасадор на Македонија, а притоа немаше добиено акредитации за истото. Јавноста добро го памети Жерновски и по тоа што е неуспешен градежник, затоа што долго време говореше дека трибината на новиот стадион во Скопје кај и да е ќе се урне, ама ете ја таа стои и беше домаќин на најголемото европско фудбалско финале во 2017тата година.
Народот го памети Жерновски и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар. Своевремено, Жерновски ја превработи општината, но и претпријатието „Паркинзи Центар’’ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС“.
Центарци, додава Манасиевски, го паметат и по тоа што постави хаусмајстор да биде главен инспектор, а со тоа не ги испочитувал решенијата на Државниот управен инспекторат.
Како што оценува, на штета на македонскиот идентитет и позиции, Андреј Жерновски, неуспешниот политичар, јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија, но со оглед на тоа што неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, не му било тоа воопшто проблем.
„Жерновски и Филипче се имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата. Тие не се нови кадри, туку се кадри кои неколку пати се виновни за поразите на СДС низ годините. И по сите неуспешни обиди во политиката, од градоначалнички избори до дипломатски активности се стави на располагање заедно со Филипче да биде најголемиот поборник на бугарските агенции и бугарските интереси во државата.
Новите сили на СДС се потрошени кадри кои веќе биле дел од раководни позиции и фукционери кои не покажале никакви резултати и ја изневериле довербата на граѓанит“.
Македонија
Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека изврши корекција на доставената предлог-одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“.
Од 1 јануари 2026 година, наместо предложеното зголемување од 7,66 % што „ЕВН хоме“ го достави во одлуката, РКЕ по спроведените анализи и повторни пресметки, одлучи во првиот блок да има корекција од 2,45 % . Во вториот блок цената ќе се зголеми 2,87 %, а предлог-зголемувањето на „ЕВН хоме“ е 8,54 %. Во третиот блок цената ќе се зголеми 3,32 % иако беше предложено да има зголемување од 9,63 % и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 % наместо предложените 11,86 %.
Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоме“ предложи зголемување за 3,96 %, а РКЕ одлучи таа да се коригира за 2,50 %.
„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што РКЕ ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ‘ЕВН хоме’. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ оценува дека „ЕВН хоме“ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите.
Од РКЕ велат дека регулаторот има цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 % од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, речиси 21 % им се тарифира и во вториот блок, а третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.

