Македонија
УНИЦЕФ повикува на итни активности за поддршка на менталното здравје на децата во училиштата
Со загриженост поради веста за сè поголем број деца кои чувствуваат анксиозност и страв, УНИЦЕФ, заедно со претставници од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, денеска се сретнаа со тим од професионалци и експерти за ментално здравје за да разговараат за итни активности коишто ќе обезбедат дополнителна поддршка на децата во последните шест недели од оваа учебна година.
Според истражувањата на УНИЦЕФ, има сè поголем број деца кои чувствуваат анксиозност. Професионалците и експертите присутни на состанокот потврдија дека анксиозноста и стресот кај децата се зголемени, особено по неодамнешниот бран закани со бомби во училиштата во земјата и откако беа изложени на вести за трагичниот настан во училиштето во соседна Србија.
На состанокот се постигна согласност дека е потребно вклучување на целото општество за да се овозможи училиштето да остане безбедно место за сите деца и за да се обезбеди советување и поддршка на децата во сите услови, нагласувајќи дека е неопходно во следните недели да се преземат итни дејствија.
Според УНИЦЕФ, потребите за поддршка на менталното здравје на децата и младите не смеат да се игнорираат. За оваа цел, УНИЦЕФ ги повикува раководствата на училиштата да се погрижат стручните соработници, односно психолозите, педагозите, специјалните едукатори и другите да бидат целосно посветени во обезбедување поддршка за децата и колегите во последните шест недели од учебната година.
Дополнително, кога се работи за прашања кои ги засегаат децата, најдобриот интерес на сите деца мора да биде во фокус на секоја одлука донесена од страна на заедницата и Владата. Меѓу другото, одговорноста за идентификување и поддршка на децата кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје мора да остане во доменот на работа на стручниот кадар и товарот за идентификување и пријавување проблеми не треба да падне врз децата.
УНИЦЕФ, исто така, ги повикува јавноста и медиумите да промовираат превенција и ресторативен пристап во справување со прашања поврзани со насилство меѓу деца, наместо казнени мерки и политики, но и да се воздржат од користење терминологија која поттикнува стигматизација кога станува збор за деца. За спречување на сите форми на насилство и справување со предизвиците поврзани со менталното здравје, потребно е вклучување на целото општество и користење на пристап кој се фокусира на превенција, градење отпорност, промовирање добросостојба и обезбедување специјализирана поддршка тогаш кога е потребна. Ова вклучува и родителите да имаат пристап до програми за родителство; училиштата да овозможат безбедна и поттикнувачка средина за учење и децата да имаат пристап до услуги и поддршка за ментално здравје; а посебни услуги да бидат достапни за сите деца на кои им е потребна специјализирана поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

