Македонија
УНИЦЕФ повикува на национална солидарност за училиштата да останат безбедни и отворени
УНИЦЕФ е охрабрен од препораката на Комисијата за заразни болести да се отворат училиштата за настава со физичко присуство од 1 февруари и повикува на национална солидарност за безбедно продолжување на образованието со физичко присуство во текот на целата учебна година. Секое продолжено затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе го продлабочи пропуштеното учење и ќе продолжи негативно да влијае врз емотивната благосостојба на децата.
„Одлуката да се отворат училиштата за учење во живо е одлука на Владата. Свесни сме дека оваа одлука се разгледува во контекст на епидемиолошката ситуација поврзана со Ковид-19 и сѐ поголемото разбирање на ризиците. Но, исто така мора да се земе предвид влијанието од продолженото затворање на училиштата врз учењето и благосостојбата на децата“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Училиштата се основен јавен сервис, место за академско учење од клучна важност во помагање на децата да ги развијат своите потенцијали. Затворањето на училиштата за физичка настава поради зголемена трансмисија на Ковид-19 во заедницата не би требало да биде прва реакција, туку тоа би требало да следува по исцрпувањето на сите други алтернативи“.
Учењето на далечина е алернативна мерка што треба да се применува само како крајна мерка. Освен тоа, и покрај тоа што онлајн и дигиталните технологии го подобруваат искуството во учењето, долгорочно гледано тие не може да ги заменат методите што ги користи наставникот за време на настава во живо ниту, пак, може да ги заменат дружењата со врсниците. Истражувањето со директорите, наставниците и со родителите покажува дека учењето на далечина помогнало да се одржи процесот на учење кај децата, но сепак повеќе од половина наставници забележале зголемување во бројот на деца што се мачеле да го усвојат или не успеале да го усвојат она што им го предавале.
Покрај загубите во учење, затворањето на училиштата имаше негативно влијание врз менталното здравје на децата и го зголеми ризикот од насилство. Со примена на превентивни мерки училиштата докажаа дека се безбедно место за децата и не се главен двигател на ширење на инфекцијата во заедницата.
Се приближуваме кон крајот на втората година од пандемијата. Во тие две години прекините во образованието траеја подолго во споредба со ограничувањата наметнати на другите сектори во земјата. УНИЦЕФ повикува на национална солидарност со децата за отворени и безбедни училишта. Централната и локалната власт треба да ја зајакнат поддршката за училиштата со неопходни ресурси за да може да ги применуваат докажаните превентивни мерки, да го надоместат пропуштеното учење и да воведат нови програми за поддршка на менталното здравје и благосостојбата на децата.
УНИЦЕФ ја повикува јавноста да го исполни својот дел во спречување ширење на вирусот во заедницата. „Сите ние мора да бидеме посвесни и подисциплинирани во следењето на мерките за превенција за да може Ковид-19 да остане надвор од училиштата. Треба да продолжиме со одговорно однесување, да носиме маска, да практикуваме хигиена на рацете, да одржуваме физичко растојание, да се вакцинираме против Ковид-19 доколку одговараме на условите за вакцинирање и да се тестираме и изолираме ако имаме симптоми“, рече Патриција ди Џовани. „2022 треба да биде година во која најдобриот интерес на децата и образованието ќе бидат национален приоритет и ќе имаат предимство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

