Македонија
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ стартува платформа за активно учество во политичкиот живот

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ стартува платформа која во наредниот период ќе биде исклучиво фокусирана кон јакнење на жените за нивна проактивна улога во јавниот и политичкиот живот на земјата. По тој повод Претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, денеска со говор го отвори настанот, кој е официјално отпочнување на платформата.
Таа истакна дека жените се моќни чинители во демократските општества и дека секоја жена мора да биде охрабрена во борбата за остварување на сопствените права, потенцирајќи дека како жена ќе се бори за воведување на скандинавскиот концепт во Република Македонија со 50 отсто учество на жените на сите нивоа на власт.
УЖ на ВМРО-ДПМНЕ доби целосна поддршка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој даде целосна поддршка на отпочнувањето на функционирањето на женската платформа во рамки на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ.
Свое обраќање на свеченоста имаа и проф. д-р. Александар Спасеновски од Правниот факултет ,, Јустинијан Први,, од Скопје, доц. д-р Марија Ристеска од Центарот за истражување и развој на политики и Даниела Димитриевска извршна директорка на Македонското женско лоби.
Силна поддршка на женската платформа на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ дадоа и меѓународните стратешки партнери на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и тоа: Илина Мангова од ИРИ, како и Александра Цветковска од Националниот демократски институт.Тренинг обуката која е пакет од десет модули ќе биде спроведена од страна на врвни професори и експерти и се очекува да испродуцира квалитетни кадри од редовите на жените кои ќе бидат идни активни партиципиенти како во партиските структури, така и во јавниот и политичкиот живот на централно и локално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: За ова ли ви требаа 58 пратеници, за функционерите да не го признаваат ниту македонскиот јазик

Додека ВМРО-ДПМНЕ уште се фали со исторски резултати и „горда Македонија“, нејзините коалициски партнери не покажуваат ни основно почитување кон македонскиот јазик и граѓаните, велат од СДСМ.
„Арбен Фетаи, вицепремиерот за добро владеење во Владата на Мицкоски, одбива да одговара на македонски јазик, иако е прашуван на македонски. Без чувство на одговорност, без почит кон институцијата и граѓаните, Фетаи со ладнокрвност им порача на новинарите: „Уште не сум спремен на македонски“. А роден е во Куманово, со македонско државјанство и функција во македонска Влада.
Од ВМРО-ДПМНЕ нема ни збор. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност. Затоа прашуваме: за ова ли ви требаа 58 пратеници? За уште поголемо непочитување на македонскиот јазик и институциите“, прашуваат од опозициската партија.
Ова, според нив, не е изолиран случај. Како што истакнуваат и други функционери од албанскиот блок во оваа Влада не се обраќаат на македонски не одговараат на медиумите.
„А Мицкоски си молчи како ништо да не се случува.
ДПМНЕ се колнеше во „македонштина“, се бореше против француски предлог и „асимилација“, а денес вашата Влада не може да обезбеди ни почит кон македонскиот јазик“.
Македонија
(Видео) Шукова: Поради блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, Скопје со години се соочува со сериозен проблем со отпадните води, кои го загрозуваат здравјето на граѓаните

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, денеска изјави дека поради блокадата на ВМРО ДПМНЕ и Данела Арсовска е блокирана изградбата на Пречистителната станица во Трубарево. Шукова изјави дека Скопје со години се соочува со сериозен проблем со отпадните води од канализација, кои директно завршуваат во реката Вардар, загрозувајќи го здравјето на граѓаните и животната средина.
Таа на терен посочи една од локациите на одвод од отпадни води што истекуваат во Вардар.
„Од ова место се гледа кој ги блокира проектите за почисто Скопје и кој не го штити здравјето на граѓаните. Пречистителната станица во Трубарево, вредна 196 милиони евра, обезбедени од Владата на СДСМ со 68 милиони евра грант, поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска тапка во место и нема никаква отчетност и транспарентност,“ рече Шукова.
Таа нагласи дека овој проект е стратешка мисија за Скопје и лично прашање на одговорност. Во својата програма Шукова најави три клучни чекори: Завршување на првата фаза – поставување на основните системи за прочистување на отпадните води и отпочнување на реалниот процес на третман.
Втора напредна фаза – усогласување со европските стандарди и обезбедување капацитет за третман на отпадни води за 650.000 жители.
Одржливост и повторна употреба – 90% од третираната вода ќе може повторно да се користи, што е клучно во услови на климатски промени и раст на урбаното население“.
Според неа, наместо скандали, кавги и партиски интереси, граѓаните заслужуваат модерен систем што ќе го намали загадувањето на Вардар и ќе обезбеди подобар живот за сите. Време е, додаде таа, Скопје да тргне напред, зелено, европски и чесно.
Македонија
(Видео) Филипче во Франција: Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси

Македонија мора да продолжи по европскиот пат, активно, со резултати и визија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамките на работната посета на Париз, Франција.
Филипче посочи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националниот интерес и позициите на Македонија.
Притоа нагласи дека СДСМ веќе работи на поактивен пристап, а тоа значи конкретни решенија и иницијативи за деблокирање на процесот.
„Во финална фаза е подготовката на резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и за граѓаните. Со оваа резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на кој било начин излегуваат од преговарачката рамка“, рече Филипче.
Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности, веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка.
„Со носењето резолуција со национален консензус ќе ги потврдиме овие позиции, но и ќе изградиме заеднички став како да ги заштитиме и во домашните институции. Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и за реформите како конечно деблокирање на европскиот пат“, изјави Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност за напредокот на државата.
„Ова е време за политичка зрелост и за заедничка одговорност. СДСМ е подготвен да поведе со поактивен пристап и со решенија што ќе ја придвижат Македонија напред, кон Европската Унија. Македонија мора да продолжи по европскиот пат, кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
За време на посетата Филипче оствари работни средби со француските политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското собрание.