Македонија
Упатство за граѓаните за закажување тестирање за коронавирус кај матичен лекар

Закажувањето на земање брисеви од вчера се врши и преку матичните лекари. Доколку граѓаните имаат некој од следните симптоми: сува кашлица, висока температура, треска или отежнато дишење, најпрвин треба да се јават по телефон кај својот матичен лекар. Заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите граѓаните не смеат да одат во ординација, туку исклучиво да се јават по телефон кај својот матичен лекар, соопшти Министерството за здравство.
„Матичниот лекар им поставува прашања на граѓаните и тие одговорат на десетина прашања. Согласно одговорите на епидемиолошката анкета, електронски алгоритам укажува на тоа дали е потребно тестирање или не и доколку е потребно кој е степенот на итност. Во оваа пригода, апелираме до граѓаните дека се должни да даваат точни податоци за епидемиолошката анкета во интерес на јавното здравје и точното приоритизирање на итноста за тестирање. Исто така апелираме да се јават само доколку имаат симптоми, да не се оптоварува системот беспотребно.
Во случај да треба да се изврши тестирање, матичниот лекар го закажува тестирањето преку „Мој термин” на некој од пунктовите според местото на живеење на пациентот. Без закажување не е возможно да се изврши тестирање и затоа граѓаните се предупредуваат да не одат сами на пунктовите без закажан термин.
Во закажниот термин, не треба да се оди кај матичниот лекар или да се зема некоја потврда, граѓаните треба да одат директно на пунктот за да бидат тестирани. Се истакнува дека треба да носат заштитна опрема и по можност да не доаѓаат со јавен превоз.
По земањето брисеви и соодветно испитување, за резултатите пациентите ќе бидат известени и согласно состојбата ќе биде заземен став за натамошно лекување дали на клиника, болница или во домашни услови, а во целосна секојдневна комуникација со матичните лекари и со сестра и доктор од Клиниката за инфективни болести.
Во функција за поддршка на граѓаните е и бесплатниот број на контакт-центарот на Министерството за здравство 0800 002 03 на кој може да се добијат сите потребни дополнителни информации, како и информации за тоа како да се закаже тестирање и други препораки во однос на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и многу топло, максималната температура до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса во текот на оваа седмица ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоистоичен правец.