Македонија
Управата за извршување на санкции со вонреден надзор во затворот во Струга
Управата за извршување на санкциите денеска го спроведе претходно најавениот вондреден надзор во Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга со цел да се проверат околностите поради кои на ден 22.12.2022 година осуденото лице С.М. не беше спроведено во Основниот кривичен суд во Скопје на главна расправа по кривичниот предмет „Титаник 2”, соопштуваат оттаму.
„Во текот на надзорот се утврди дека од Основниот кривичен суд Скопје на ден 14.12.2022 година во КПД Струга е добиено барање заведено под V КОК.бр.7/20 со датум од 23.11.2022 година со кое судот побарал обвинетиот во предметот С.М да биде спроведен на расправа на ден 12.12.2022 година во 10 часот. Барањето во затворот е заведено со приемен печат на 14.12.2022 година“ информираат од Управата.
Велат дека „со оглед дека се утврдило дека овој акт е ист со претходно доставениот за расправата која била на 23.11.2022 година закажана за 12.12.2022 година, заклучено е дека веројатно се работи за грешка, особено поради фактот што ни судот не ја воочил грешката и не доставил исправка на овој акт“.
„Имајќи предвид дека КПД Струга претходно постапувал уредно на сите судски барања, а во овој случај не се работи за погрешно постапување, туку за превид на судските служби , Управата за извршување на санкциите не смета дека постои одговорност кај било кој вработен во КПД Струга. Воедно е разговарано и со осуденото лице С.М за настанатата ситуација. Одговорните во КПД Струга денес по електронска пошта се известени за следната закажана судска расправа на 26.12.2022 година и спроводот на осудениот е веќе планиран“ стои во соопштението на Управата за извршување на санкции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

