Македонија
Уставни судии, професори, НВО, експерти од Германија, ОБСЕ и ЕУ на дебата за воведување уставна жалба
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и судиите Осман Кадриу и Татјана Васиќ Бозаџиева учествуваа на дебата организирана за заштитата на човековите права и слободи пред Уставниот суд од страна на Институтот за човекови права.
Кацарска имаше обраќање на темата „уставна жалба” и во оваа прилика пред претставници на невладиниот сектор и академската заедница ја изрази потребата од поддршка за проширување на надлежностите на Уставниот суд во заштита на слободите и правата.
„Уставотворецот останал недоречен. Од една страна гарантирајќи ја заштитата, а од друга не предвидел начин за уставна заштита на секое право, иако можноста за правна заштита како посебно овластување на неговиот носител да се обрати до државните органи со цел заштита на самото право, денес е стандард за секој правен поредок”, рече Кацарска.
Таа потенцираше дека со Уставот не е предвиден правен лек за нивна заштита по примерот на уставите на државите од регионот кои го познаваат овој правен инструмент именуван како уставна тужба, односно уставна жалба.
„Се поставува прашањето дали во ваква ситуација се остварува прокламацијата од член 9 став 1 од Уставот дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од основите наведени во истата одредба. Се разбира дека не. Еднаквоста во слободите и правата покрај во нивното остварување, значи дека сите тие треба да уживаат ист вид на заштита, што сега не е случај.
Токму во тоа е смислата на воведувањето на уставната тужба, односно тоа би значело уставна заштита и на правото на сопственост, правото на здрава животна средина, правото на образование итн. кои во ниту еден момент не може да се рече дека се помалку важни од оние кои се наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот или не заслужуваат да бидат заштитени”.
Кон овие аргументи се приклучи и судијата Осман Кадриу потсети дека прашањето на уставна жалба е истакнувано во конкретни периоди, а последно во 2014-та година.
„Тогаш Владата имаше предложено уставни амандмани и меѓу нив имаше два амандмана за Уставниот суд. Првиот беше листата на права со кои ќе се даде уставно-судска заштита и второ уставна тужба и спроведување. Причините за неизгласување беа политички се разбира”, рече судијата Кадриу.
Во текот на дебатата беше поставено прашањето дали Уставниот суд може да најде друг начин за да ги прошири надлежностите од аспект да ги заштити сите права, а тоа да не зависи од политичарите, при што судијата даде свое мислење и кажа:
„Друга тема е што со овој Устав јасно се подвлечени надлежностите, Уставниот суд не може со својот акт ниту да ги проширува ниту скратува надлежностите. Судот постапува со своите надлежности исклучиво утврдени со Уставот. Јас како судија тврдам дека надлежностите на Уставниот суд не се остварени во целост, кога зборуваме за сегашното работење, но прашањето за воведување на уставна жалба и претседателката го има институционално поставено и кога ги покани клучните носители на државни органи. Прашањето на уставна тужба се постави тогаш и тие декларативно подджаа. Радува фактот на последната конференција претседателот на државата Стево Пендаровски даде поддршка на ова прашање и да видиме сега како ќе помине кај останатите политичари”, рече судијата Кадриу.
Дебатата се одржа на 11 декември, во рамки на проектот на Институтот за човекови права и покрај уставните судии присуствуваа експерти од Германија, претставници на ОБСЕ, членови на делегацијата на ЕУ ангажирани за проектот ИПА, професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Александар Спасов и Ана Чупевска, кои презентираа документ за јавни политики во кој е нагласена потребата од воведување на уставна тужба.
Во текот на дебатата исто така беа презентирани и останатите продукти од проектот „Уставниот суд – заштитник на човековите права“ како што се: Водичот за поднесување на иницијативи пред Уставниот суд, онлајн „Курс за заштита на човековите слободи и права пред Уставниот Суд на РСМ“ објавен на Академијата на Институтот за човекови права (https://app.ihracademy.org.mk/login) и анимирано видео за Уставот на Република Северна Македонија и основните човекови права и слободи наменето за ученици од основно училиште.
Во рамки на проектот на ИЧП беше организирана посета на Судот во Словенија во ноември 2023 година на којашто беа презентирани тамошните искуства, придобивки и аспекти на примена на уставна жалба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во официјална посета на Украина: посетата има за цел размена на искуства за европската интеграција и поддршка за Украина
Утре првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе престојува во официјална работна посета на Киев, Украина.
Во рамки на посетата, Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.
Македонија
Мицкоски: Создаваме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места
Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна, конкурентна економија. Како Влада преземаме целосна одговорност да ја водиме оваа трансформација, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Советот, како што оцени, не е само формалност туку механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.
Според него, самата структура и состав на Советот, кој, како што рече, ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки. Ова тело, оценува тој, ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики.
„Со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места. Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност.
Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем.
Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани“.
Македонија
(Видео) Кузеска за Груби: ДУИ го спасува Мицкоски
Секој што го прекршил законот мора да одговара. ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. После денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
СДСМ, како што рече, ова го најавиле уште во декември 2024 година.
„Сега само се потврди пред очите на македонската јавност. Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати. На овој начин ВМРО со поддршка од ДУИ сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но и бројните скандали со криминални тендери за кои повеќе од 80 дена нема никакви оддговори.
161 тендер за семејна фирма на Томовски, 51 тендер за „Пирамид Билдинг“, 74 тендери за „Ленди Груп“, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендер преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ“.
Според Кузеска, сите тендери водат до најтесниот круг околу Мицкоски а повеќе од 80 дена нема реакција од обвинителството.
„Повеќе од 20 денови нема одговори за 5 тони дрога, нема одговори за сликите со Симе, за Адамовиќ. Граѓаните нема да добијат одговори на прашањата но ќе добијат театар, како денеска.
Нема борба против криминалот и корупцијата. Станува збор само за договорена кампања поради падот на рејтигнот на Мицкоски.
Сакаше да се претставува како чесен, но по бројните скандали, скапите часовници и луксузирањата на грбот на народот со авион веќе е прочитан од граѓаните.
Copy-paste по рецепт на Вучиќ, кој секогаш кога е во пад највува некое апсење. Немаат одговор на скандалите, веднаш прават дефокус“.
Се отвори прашањето, додава таа, кој од актуелните функционери во Владата на Мицкоски ќе одговара и затоа, според неа, им е потребен Артан Груби.
Цела, како што оценува, е повторно да се поврзе СДСМ со ДУИ.
„Како што се поврзуваше кампањата со марихуаната од Струмица, како што имавме можност да видиме и со оваа најава на Жан, со купишта натписи пред неколку недели за наводна поврзаност меѓу СДСМ и ДУИ. А вистината е дека ВМРО-ОКГ се во дил со ДУИ. Власта го презема судството и обвинителството под своја контрола, се рушат предметите на СЈО сега е вистинско време Груби да се предаде. Кој се смее кога го апсат? Како нема ниту една камера од 65 илјади за 5 тони дрога а има камери за Груби? Ова нема да помине. Секој што го прекршил законот ќе одговара“.

