Македонија
Уставот е јасен – член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот, рече портпаролката на СДСМ, Кузеска
Во време на национална тага и целосна мобилизација на институциите за расветлување на случајот, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да профитираат на сметка на трагедијата, истакна на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа истакна дека недозволивата политизација на трагедијата ги покажала политиканството и непознавањето на Уставот и законите од страна на Мицкоски.
„Уставот на државата е јасен, член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница (член 94, Устав). Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат неодговорно, сето тоа е доказ за очајот во кој е западнат Христијан Мицкоски. Заврши времето кога политиката доминира над правото“, рече Кузеска.
Наведе дека има истрага што ја водат надлежни органи и една таква истрага – темелна, независна и професионална, ќе ги даде сите одговори.
„ВМРО-ДПМНЕ нема никакво право да се повикува на морал, а уште помалку, пак, има образ да го оценува работењето на Венко Филипче, што го саботира во секоја можна пригода. Тоа е партијата што во Собранието ја блокира изградбата на нов клинички центар, која ја саботира борбата против Ковид 19, ги поткопува мерките за заштита на здравјето, поддржува антиваксерски протести. Ова се само некои од причините поради кои раководството на оваа партија треба да се воздржи од користење зборови како етика и одговорност и, конечно, треба да научат право, што се Устав и закон, и најважното, да ги почитуваат“, додаде Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

