Македонија
Утврден е текст на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медиумите
Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медиумите.
Меѓу клучните цели на измените и дополнувањата е поддршка на националните весници што имаат сериозни проблеми со големите трошоци за печатење и дистрибуција како последица на високата цена на хартијата и на зголемувањето на цените на горивата, а имајќи предвид дека медиумите имаат голема улога во развојот на демократските капацитети на државата, унапредувањето на економијата, развојот на етичките норми и стандардите на новинарството, придонесот кон отворање дебати за прашања од јавен интерес.
Со измените и дополнувањата, како што е образложено од предлагачот, Министерството за информатичко општество и адиминистрација, се уредуваат: еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата на Република Северна Македонија; начинот на објавување на јавниот повик до печатените медиуми, како и процентуалниот износ што Владата ќе го покрие во делот на трошоците за печатење и дистрибуција на весниците; правото на учество и условите што печатениот медиум треба да ги исполнува; а се предвидува и основање комисија што е надлежна да одлучува по однос на поднесените барања.
Владата и досега ги поддржуваше печатените медиуми преку донесување програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми. Но, со денеска утврдениот текст на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медиумите ова прашање се предлага да се уреди преку системско решение како дел од Законот за медиумите. Предлог-текстот се испраќа на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

