Македонија
Утре делови од Скопје без струја

Од „ЕВН Македонија“ АД информираат дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, во текот на утрешниот ден без електрична енергија ќе останат повеќе делови од Скопје.
Од 9:00 до 10:00 часот без струја ќе бидат корисниците од улица Македонско-косовска бригада – под улици кај маркетот „Кипер“ во општина Шуто Оризари.
Понатаму, во период од 9:00 до 11:00 часот без електрична енергија ќе бидат и корисниците од дел улица Вич, зграда со број 26 и број 28, во општина Карпош, додека, пак, корисниците од дел од улиците Багдадска, Анкарска, Атинска и Борка Талески, исто така во општина Карпош, без струја ќе останат во периодот од 12:00 до 14:00 часот.
Струја од 9:00 до 15:00 часот ќе немаат ниту корисниците од дел од улица Тодор Чангов, под улица 52, како и кориснициоте од село Батинци, улиците со броеви 4, 6 и 7 во општина Студеничани и Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски телефонски разговараше со шефот на дипломатијата на Саудиска Арабија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија, принцот Фаисал бин Фархан Ал Сауд.
„Во разговорот беше нагласена заедничката заложба за унапредување на билатералните односи, при што како конкретен чекор од страна на министерот Муцунски беше потенцирано отворањето на резидентна амбасада во Ријад – одлука што се смета за поттик за продлабочување на соработката во економските и другите области од заеднички интерес“, соопшти МНР.
Притоа, од страна на министерот за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија, принцот Фаисал бин Фархан Ал Сауд, била поздравена оваа иницијатива. Тој ја реафирмирал подготвеноста на Кралството за натамошно зацврстување на пријателските односи и зголемување на динамиката на политичкиот, економскиот и институционалниот дијалог меѓу двете земји.
Македонија
Ристоска: Поради мојата кандидатура за судија во ЕСЧП, мета сум на клевети и напади

Во изминатиот период, поради мојата апликација за кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права, мета сум на неосновани напади и клеветнички изјави, објави обвинителката Ленче Ристоска.
„Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ Латас, за клевети искажани во емисијата “Само вистина” емитувана на Канал 5 на 16.05.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра според Агенција за борба против корупција и дека немам ни стаж. Имајќи предвид дека ДКСК за мене никогаш немала поведено било каква постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети“, напиша Ристоска на „Фејсбук“.
Како шпо наведува, причината поради која смета дека е неопходно да реагира е што постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза. „И Владата на Република Северна Македонија се уште се нема произнесено по предлогот на комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката“, пишува Ристоска.
Конечно, додава таа, немам апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати кои ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации, со цел поттикнување на објективна и издржана јавна дебата.
Македонија
Љутков: Ние не го чуваме само делото на светите браќа, ние го живееме нивното наследство

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во Порта „Македонија“ се обрати на состанокот на генералната асамблеја на Европската рута на светите Кирил и Методиј.
Во своето обраќање министерот истакна дека Македонија не само географски туку и духовно и културолошки е длабоко вградена во мисијата на светите браќа и нивните ученици.
„Реализацијата на генералната асамблеја токму овде е симболично и значајно бидејќи Македонија не само географски туку и духовно и културолошки е вградена во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, како и на нивните ученици. Делото на солунските браќа, што го постави темелот на словенската писменост и духовност, длабоко е врежано во нашето културно наследство и во колективната меморија на македонскиот народ. Овде, на овие простори, нивната мисија не само што беше прифатена – таа продолжи да живее, да се шири, да се пренесува со љубов од генерација на генерација. И, денес, како дел од оваа културна рута, ние не го чуваме само нивното наследство, туку и го живееме“, рече Љутков.
Тој посочи дека Министерство за култура и туризам со голема почит и ентузијазам ќе продолжи да партиципира и да ги поддржува рутите на Советот на Европа.
„Нашата земја е посветена на зачувувањето и на афирмирањето на ова културно богатство и од тие причини Министерството за култура и туризам ја поддржува и партиципацијата на Македонија во: Винската културна рута, Рутата на римските императори и Дунавската римска рута. За афирмација на рутите кај пошироката културна јавност, минатиот месец го реализиравме и форумот ‘Културните рути на Советот на Европа во функција на културниот туризам’, на кој учествуваа гости од земјата и од странство, од академскиот, туристичкиот, економскиот и од поширокиот културен сектор“, рече министерот.
Љутков истакна дека особено е значајно учеството на Институтот за македонска литература при УКИМ и на Институтот за старословенска култура од Прилеп во рамките на Европската културна рута на светите Кирил и Методиј, што ќе придонесе за значајна културна, научна и туристичка промоција на кирилометодиевското наследство нераскинливо поврзано со духовната почва на Македонија.