Македонија
Утре и во наредните денови, пороен дожд, грмежи и засилен ветар со услови за појава на невреме
Попладне имаше развој на нестабилна облачност во подрачјето околу Крушево, Македонски Брод и Прилеп, како и во севеористочните делови од земјава, помеѓу Куманово, К.Паланка и Кратово, претежно во планинските подрачја, проследени со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Подоцна попладнево нестабилно беше и во подрачјето на Штип, Делчево и во делови од Скопската Котлина, информира УХМР.
Според информации од таму, наврнатиот воден талог до 17 часот изнесува 8 литри на метар квадратен во Штип, 5 литри на метар квадратен во Скопје-Зајчев Рид, 2 во К.Паланка и 1 литар на метар квадратен во Прилеп.
До крајот на денот како што најавуваат од Управата, во северните и источните делови од земјава ќе има локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на ноќта ќе биде променливо облачно на места со врнежи од дожд и ретки грмежи.
Утре ќе биде променливо облачно, уште од претпладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе има услови за локална појава на невреме со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен. УВ=7
Во Скопје, ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во текот на следната седмица ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. На повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во попладневните часови. Локално во одделни денови процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Температурата нема значително да се менува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.

