Македонија
Утре облачно со услови за дожд, од наредните денови затоплување со температури над 30 степени

Утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне ќе има појава на локална нестабилност со врнежи од дожд. На места процесите ќе бидат поинтензивни со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната од 19 до 25 степени, инфомираат од УХМР.
Во Скопје претпладне ќе биде умерено облачно, а попладне со повремен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде околу 9, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Под влијание на топла воздушна маса од југ во следните денови ќе има значително затоплување со дневни температури кои на места ќе бидат и над 30 степени, велат од Управата.
Во ноќта кон недела и во недела претпладне во западните делови ќе има услови за локален дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лимани: Наша заедничка заложба е општество во кое здравјето и социјалната заштита одат „рака под рака“

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани присуствуваше на промоцијата на Стратегијата за соработка на Светската здравствена организација (СЗО) со Република Северна Македонија, која има петгодишна рамка (2026–2030) и претставува дефинирање на партнерската соработка на СЗО со Владата на Република Северна Македонија.
Стратегијата е дизајнирана за директно да ги поддржи националните здравствени цели, обврските за пристапување кон ЕУ и Глобалните цели за одржлив развој на Обединетите нации. Нејзината главна мисија е трансформација на здравствениот систем во одржлив, правичен и високоефикасен систем, со што повторно ќе се воспостави довербата на јавноста и ќе се подобрат здравствените резултати за сите граѓани.
Министерството за социјална политика, демографија и млади е едно од клучните министерства вклучено во креирањето и имплементацијата на Стратегијата, особено во делот на поддршка на младите и ранливите групи.
„Денес зборуваме за наша заедничка заложба, да изградиме општество во кое здравјето и социјалната заштита одат рака под рака. Нашите политики се насочени кон борба против сиромаштијата и социјалната исклученост, со јасна цел – никој не смее да биде изоставен,“ истакна Лимани.
Тој потенцираше четири точки на делување со кои се опфаќаат: жртвите на насилство, на кои им е неопходна системска, професионална и достоинствена поддршка, постарите и лицата со попреченост и заложбите за развој на стандарди за интегрирана здравствено-социјална грижа, демографска политика фокусирана на семејствата и младите и унапредување на менталното здравје кое е приоритет во Стратегијата за млади.
„Ние водиме политики за луѓето, за мајката што се грижи сама за децата, за пензионерот во рурално село, за млад човек што се бори со анксиозност, за жената која се ослободила од насилство,“ порача Лимани.
Тој заклучи дека покрај тоа што стратегијата ги отсликува националните приоритети, на овој начин се создава Меѓународен сојуз за правда, здравје и еднаквост.
Македонија
Коцевски и Абази на регионална конференција за соработка во санкционирањето на воените злосторства

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази учествуваат на Регионалната конференција на јавни обвинители за соработка во обработката на предмети за воени злосторства што се одржува во Бриони, Република Хрватска.
Форумот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од ЕУ и Владата на Обединетото Кралство, го отворија хрватскиот Генерален државен обвинител Иван Турудиќ, министерот за правда, администрација и дигитална трансформација на Хрватска Дамир Хабијан, како и Главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали Серж Брамерц.
Дискусијата се фокусираше на механизмите за јакнење на регионалната соработка, заемното уважување на доказите и поддршка на жртвите и сведоците.
Во Република Северна Македонија нема активни постапки за воени злосторства, но македонското обвинителство е посветено на јакнење на каналите за меѓународна соработка кои треба да гарантираат дека ниту едно злосторство каде било во светот нема да остане неказнето, истакна јавниот обвинител Коцевски пред учесниците на форумот.
“Воените злосторства се најтешките форми на нарушување на човековите права и на хуманитарното право. Тие се санкционирани и во македонскиот Кривичен законик. Ефикасниот кривичен прогон на воените злосторства е прв чекор кон помирување и траен мир”, рече Коцевски.
Македонија
Алиу: Стратегијата за соработка со СЗО за периодот 2026 – 2030 е патоказ за иднината на здравствениот систем

Денеска се одржа промоција на Стратегијата за соработка со Светската здравствена организација за периодот 2026-2030 година, на која присустуваа министерот за здравство, Азир Алиу, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и претставникот на СЗО Аким Али, координаторот за Обединети Нации, Рита Колумбија, и Лесли Милер од УНИЦЕФ.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека стратегијата е целосно усогласена со нашата Национална развојна стратегија, со обврските од процесот на пристапување кон Европската Унија и со Рамката за одржлив развој на Обединетите Нации.
„Во претстојниот период ќе бидеме посветени на зајакнување на партнерствата со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ со посебен фокус на вакцинацијата, како и со УНФПА во делот на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата. Министерството за здравство продолжува активно да работи на главните приоритети: процесот на дигитализација, транспарентност и отчетност пред граѓаните, и правичен здравствен систем кој функционира во интерес на граѓаните“, посочи министерот Алиу.
Д-р Аким Али од Светската здравствена организација истакна дека оваа стратегија не е само здравствена политика – таа е градење стабилност, доверба и уште поправедна иднина за сите во државата.
„Со Стратегијата, Северна Македонија се приклучува на заедничките европски напори за зајакнување на отпорни и подготвени здравствени системи за иднината“, истакна д-р Али.
Координаторот на Обединетите Нации, Рита Колумбија посочи дека стратегијата за соработка со земјата покажува како глобалните обврски се преточуваат во национално дејствување – целосно усогласено со здравствената и развојната агенда на земјата.
„Здравјето не може да се разгледува изолирано; тоа е поврзано со образованието, животната средина, климата, социјалната заштита и дигиталната трансформација. Стратегијата обезбедува рамка за заедничко делување врз овие врски“, заклучи Колубија.