Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради посета на странска делегација

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека утре (23.06.2021-среда), поради официјална посета на странска делегација на Република Северна Македонија, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на поширокото централно подрачје на градот Скопје.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните – учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои што ќе ги издаваат полициските службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Десетици нови авио дестинации, политиките во авиосообраќајот даваат резултати, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Политиките во авиосообраќајот даваат резултати, за само неколку месеци десетици нови дестинации од двата домашни аеродроми и преговори за десетина нови авиолинии за подобар квалитет на животот на граѓаните. На скопскиот аеродром слетаа првите авиони на ново воведените линии Барселона – Скопје и Лион – Скопје. Директни летови од Шпанија, Барселона 2 пати неделно и од Франција, Лион 3 пати неделно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Политиката на субвенции што ја води Владата и Министерството за транспорт ги даваат првите резултати. Нови дестинации, за уште многу патници на скопскиот и охридскиот аеродром, нови можности, развој на бизниси, повеќе туристи.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на привлекување на нови авиокомпании и нови авиолинии. Во фокусот е развој на авиосообраќајот и зголемување на конкуренцијата на домашните аеродроми.
За само неколку месеци владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да овозможи десетици дестинации од двата домашни аеродроми, се вложува во воздушниот сообраќај и се создаваат поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните.
Исто така и се преговара за уште десетина нови авиолинии.
Скопје директно се поврза со Париз, со нова авионска линија Скопје-Париз (аеродром Орли).
Се воведе нова авио линија Охрид-Истанбул.
После 12 години повторно се врати линијата Скопје-Амстердам.
Нов чартер лет од Германија со кој најмалку 200 туристи секојдневно ќе ја посетуваат Македонија.
Две нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје и тоа: Скопје -Женева, која ќе започне да оперира од 3 ноември 2025 и Скопје-Париз (аеродром Орли).
Претходно се потпишаа и договори за воведување на линиите: Охрид – Истанбул, Охрид – Базел Мулхаус, Скопје – Дубаи, Скопје – Штутгарт“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Дали Филипче ќе учи од Заев како да профитира со лажни идентитети и како се штанцаат пасоши за 215 белосветски криминалци, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„СДС и Заев 7 години беа заштитници на криминалот и криминалните банди. СДС, Заев и Спасовски им дадоа пасоши на белосветски криминалци, како и на бандити од Шкаљарски и Кавачки клан, имаше кражби и убиства за кои немаше разврска ниту одговорност. Дали Филипче кога вели дека треба да се учи од Заев, мисли на тоа да шурува и да ги штити криминалните кланови како што тоа го правеше Заев“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали Филипче кога вели нема друг како Заев, мисли на соработка со криминални кланови и бандити кога улиците во Скопје за време на СДС беа како дивиот Запад, убиства и мафијашки престрелки имаше на сред ден.
Дали Филипче ќе учи од Заев како да профитира со лажни идентитети и како се штанцаат пасоши за 215 белосветски криминалци?
Криминалните кланови и нарко босови од регионот со години прават криминал благодарение на СДС и Заев кои им давале македонски пасоши. Се вршат убиства, се тргува со дрога и се врши организиран криминал со македонски пасоши на штета на угледот на државата.
215 нарко босови хараат по светот и прават криминал благодарение на Заев и СДС.
Заев и Спасовски тргуваа со туѓи идентитети и издаваа фалсификувани македонски пасоши на странци, кланови, нарко босови, убијци, дали и Филипче учи од Заев како да тргува со идентитети. Заев и Филипче се трговци со идентитети.
СДС и Заев ја понижија државата и го нарушија достоинството на македонските граѓани, а сега Филипче сака истото да го прави. На Филипче идол му е Заев само поради огромните лукративни интереси.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на заштита на стабилноста, безбедноста, заштита на државните симболи и достоинството на граѓаните. СДС е синоним на предавства, неспособност и криминал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Македонија
„Тошковски наместо да обвинува треба да одговори дали има пропусти при рацијата“, велат од партијата Левица

„Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, наместо да дава одговори пред јавноста за дилеми кои оправдано се наметнуваат околу истрагата за дискотеката „Пулс”, тој посегнува по евтини политички манипулации, обвинувајќи ја опозицијата за настани што се резултат на длабока човечка болка и барање за правда“, велат од партијата Левица.
„Имено, едно од клучните прашања кое остана неодговорено е зошто оперативната акција кобната вечер започнала дури во 2:30 часот?! Дел од информациите се дека таа вечер имало насока од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) за оперативна акција низ повеќе дискотеки во Македонија од 1 часот. Но, одговорните лица за територијата на Кочани одлучиле прво да вршат рација во кафич во населбата Оризари, наместо веднаш да се упатат кон дискотеката каде имало високофреквентен настан, со присутни млади од повеќе градови во Македонија.
Надвор од сите безбедносни процедури и проценки е оперативната акција да започне пред самиот крај на настанот. Дел од дежурните на смена кобната вечер во ОВР-Кочани важат и за партиски активисти на актуелната влада, што фрла одредени сомнежи врз селективноста на истрагата. Сведоци говорат и дека рацијата пристигнала пред дискотеката „Пулс” во 1:30 часот, но дури еден час подоцна влегла во дискотеката.
Јавноста оправдано бара одговори за огромната трагедија која настана поради низа системски пропусти, но министерот Тошковски наместо професионално известување, шири лажни тези за манипулација, со цел да го угуши оправданиот револт.
Скандалозни, навредувачи и дегутантни се изјавите на Тошковски дека и протестите на семејствата биле организирани од опозицијата. Министерот Тошковски треба да се запраша: зошто овие луѓе немаат доверба во институциите? Обидите за дискредитација на родителите и нивната болка се врв на политичка безобразност.
Неселективна истрага за оваа трагедија мора да има и затоа не смее да се штитат и актуелните началници и полициски службеници кои биле одговорни за спроведувањето на оперативната акција кобната вечер. И покрај сите обиди на власта да ја угуши секоја критика, Левица ќе продолжува да бара одговори, со цел ниту еден одговорен да не биде заштитен заради неговата партиска припадност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.