Македонија
Утре претпладне облачно и топло, попладне локален дожд и ветар

Според најавите од УХМР, утре се очекува променливо облачно и релативно топло време, во одделни котлини ќе има појава на утринска магла и ниска облачност. Попладне и во текот на ноќта претежно во северните делови ќе има локален дожд, а по должината на Повардарието ќе почне да дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, наутро со услови за појава на магла во делови од котлината. Попладне и кон крајот на денот ќе има локален дожд и ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне 20 степени.
В недела ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со умерен, а по должината на Повардарието засилен северен ветер. Од понеделник ќе се задржи свежо време со ниски утрински температури, кои од вторник на повеќе места ќе бидат околу нулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се очекува Гаши денеска да ги распише изборите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се очекува да ги распише локалните избори, иако се уште нема официјална потврда.
Ова ќе бидат осми локални избори по ред од независноста на државата.
Утрешниот ден всушност е и последниот рок за распишување на изборите кои, според најавите треба да се одржат на 19 октомври, а доколку има втор круг за градоначалници гласањето ќе биде на 2 ноември.
На локалните избори, граѓаните ќе бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони и 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Македонија
ВЛЕН го прашува Бујар Османи зошто нема документација за потрошени 120 милиони денари од буџетот на МНР

ВЛЕН го повикува Бујар Османи јавно да одговори зошто нема никаква документација за потрошени над 120 милиони денари од буџетот на Министерството за надворешни работи и зошто нема податоци што е направено за толку огромна сума пари?
„Зошто не постои отчет за овие средства, ниту трага од тоа што останало по завршувањето на самитот на ОБСЕ? Овие прашања се за пари на сите граѓани, за пари кои требало да се користат за училишта, подобро здравство, за водоводи и патишта, а завршиле без траг, документ и доказ во непознат правец. Државниот завод за ревизија јасно утврди дека во време на Бујар Османи, МНР ги потрошило овие пари без да се знае за што, без покритие, без документи и без видлив резултат“, велат од ВЛЕН.
Од таму велат дека очекуваат од Јавното обвинителство и надлежните инстутиции веднаш да постапат и да утврдат одговорност.
„Бујар Османи во својот живот не направил ништо за Општина Чаир, ниту еден проект, ниту едно подобрување за граѓаните, ниту кренал телефон за да помогне. Но, очигледно знаел многу да направи само за себе, користејќи го буџетот на државата за сомнителни трошоци без трага, документ и доказ. Само во овој случај во вредност од над 120 милиони денари. Чаир не заслужува политичар кој бега од одговори и кој зад себе остава само сомнежи и скандали. Чаир заслужува чесно и одговорно раководство“, велат од ВЛЕН.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Исплатени над 407 милиони денари на скоро 8.000 земјоделци

Македонските земјоделци ја добиваат заслужената грижа од државата, на скоро 8.000 земјоделци се исплатени над 407 милиони денари, директни плаќања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, во рамките на Програмата за финансиска поддршка за 2024 година, исплатени се 259 милиони денари кон 4.143 земјоделци, односно градинари, за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети. Висината на директните плаќања се однесува на предадените култури за периодот мај-јуни и ноември-декември 2024 година, која изнесува 3 денари по килограм за сите градинарски култури, додека за пиперката од сортата куртова капија висината на директните плаќања изнесува 5 денари по килограм. Паралелно на ова, од Програмата за финансиска поддршка за 2025 година се изврши исплата од над 147 милиони денари кон 3.686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко, а овие исплати се однесуваат за период јануари, февруари и март 2025 година“, се вели во соопштението.
Со ова, велат од ВМРО-ДПМНЕ, континуирано и навремено продолжува поддршката кон градинарството и сточарскиот сектор, и воопшто на целокупното земјоделство за зголемување на земјоделските производи и површини и нивната конкурентност.