Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, особено попладне кога на места процесите ќе бидат поинтензивни. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, најизразен по должината на Повардарјето, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде помеѓу 8 и 15, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне, кога ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Температурата ќе се движи од 13 до 23 степени.
Следува период на променливо и нестабилно време, на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгласан Законот за ратификација на договорот со Обединетото кралство – власта ракоплескаше, опозицијата негодуваше

Со 76 гласа за, 6 против и без воздржани, Собранието го изгласа Законот за ратификација на договорот меѓу Владите на Македонија и Обединетото Кралство за 6-те милијарди евра.
Мнозинството по гласањето ракоплескаше, додека опозицијата негодуваше со извици.
Според власта се работи за историски договор, додека според опозицијата, истиот е нетранспарентен и со непозната камата.
По критиките на опозиција за нетранспарентност, премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека вкупната каматна стапка за заемот ќе биде пониска од маргината 4,5 проценти, појаснувајќи дека ќе се користи кредитниот рејтинг на Обединетот Кралство што е трипати А. Потенцира дека дека тоа е најдоброто што во овој момент Македонија може да го добие на пазарот.
Македонија
Директорот на Бирото за јавна безбедност: Борбата против трговијата со дрога е еден од нашите приоритети

Разбивањето на меѓународните криминални организации, особено оние што се занимаваат со трговија со дрога е еден од нашите највисоки приоритети. Оваа штетна појава го загрозува поредокот и нормалното функционирање на системот, анимира и генерира многу нелегални активности и во администрацијата и кај обичниот граѓанин, затоа мораме да дејствуваме решително.“
Ова, денес, меѓу другото, го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев во неговото обраќање по повод работилница што во охридскиот хотел Метропол во рамки на ИЦИТАП програмата на амбасадата на САД во РСМ денес и утре ќе се одржува со претставници на Министерството за внатрешни работи, и со обвинители и истражители од Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) и Јавното обвинителство Скопје, со судии од Основниот кривичен суд Скопје, како и судии и обвинители од обвинителствата и судовите кои ги покриваат граничните премини и рутите на организиран крминал – Охрид, Струга, Ресен, Битола, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Делчево, Крива Паланка, Тетово, Гостивар и Куманово.
Говорејќи, во контекст на насловната тема на работилницата „Разбивање на меѓународни криминални организации и мрежи на трговија со дрога“, директорот Јанев потенцираше дека со заеднички напори, со заедничко работење како агенции за спроведување на законот, со нашите меѓународни партнери одлучно и ефикасно ќе можат да се надминат препреките поврзани со транснационалниот криминал и разбивањето на мрежите на ваков тип криминалци.
„Секој обезбеден доказ против овие криминални групи е производ на нашата макотрпна, чесна и посветена работа, потрошено многу време, многу човечки и финансиски ресурси, затоа потребата од нивно објективно валоризирање од сите чинители на системот е клучно во градењето на довербата и испорачување и осигурување на безбедноста на нашите граѓани и граѓаните на САД“, нагласи директорот Јанев особено апострофирајќи ја заедничка одговорност и обврска да се работи во откривање и спречување на националниот и транснационалниот криминал, бидејќи, според Јанев, тоа пред се го заслужуваат нашите граѓани, даночните обврзници, за кои постоиме и работиме како институции.
Покрај ова директорот Јанев се осврна и на предизвиците и заканите во борбата против мрежите за трговија со наркотици, како и за американските најдобри практики коишто може да ни помогнат во нашата решителна борба за справување со овој вид на криминал. Притоа тој истакна дека еден од суштинските фактори секако претставува и имплементирањето на неопходните реформи, дигитализацијата, како и следните чекори што треба да се преземат за поуспешни резултати од овие активности.
Македонија
Гаши на првата годишнина од мандатот: Собранието не е храм на власта, туку дом за сите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го презентира пред новинарите Извештајот за првата година од мандатот, испраќајќи порака до граѓаните дека Собранието не е храм на власта, туку дом на секој граѓанин.
Почнувајќи од 28 мај минатата година, кога беше избран на функцијата, претседателот Гаши посочи дека во својата работа се води од шест стратешки столба:
– Ефикасност и ефективност, така што Собранието за една година одржа 50 пленарни седници и 332 седници на комисии. Усвои околу 280 законски акти, што претставува околу 50% повеќе од годишниот просекво претходниот мандат, а само четири закони беа усвоени со ознака на ЕУ – знамето.
– Транспарентноста и дигитализација, така што, со поддршка на нашите партнери, пуштени во употреба три нови дигитални платформи: „Е-регистар“, „Прашај го Собранието“ и „Веб-платформа за канцеларии за контакт со граѓаните“.
– Отчетност и надзор – одржани се седум седници со пратенички прашања од опозицијата – нова практика што ја зајакнува надзорнатаулога. Истотака, беа разгледани 12 интерпелации, наспроти 8 во текот на целиот претходен мандат. Во меѓувреме, беа одржани околу десет јавни дебати и две надзорни дебати, овозможувајќи директен фокус врз формалните механизми за институционална контрола.
– Парламентарна дипломатија – реализирани се 14 официјални посети во најважните светски и европски престолнини. Исто така, во текот на оваа година, во Собранието се одржаа шест свечени приеми на шефови на држави и 178 официјални средби со делегации и амбасадори
– Отвореност и пристап до работата на Собранието, така што во текот на една година е забележан најголемиот број посетители досега – 10.741 посетител. Отворени се 50 од вкупно планираните 75 канцеларии за контакт со граѓаните, а Собранието организираше и околу 63 јавни настани.
– Подигнување на политичката култура, која претставува суштински и човечки принцип што треба да биде водилка во работата на пратениците за достоинствено претставување на граѓаните.
На прес-конференцијата, по повод годишнината од преземањето на функцијата. Претседателот Гаши истакна дека од првиот ден работи посветено на изградба на цврста комуникациска врска меѓу институцијата и народот.
„Оваа година не беше едноставна и лесна, но преземајќи го мандатот ја прифатив одговорноста и можноста да се реализира една јасна визија – создавање народно Собрание кое е отворено, транспарентно и ефикасно, секогаш во служба на граѓаните. Мој приоритет беше, секако, остварувањето на законодавната функција, преку редовно свикување на седници, воспоставување праведни и правични практики, вклучувајќи го и спречувањето на злоупотребата на ЕУ-знамето, како и координацијата и развојот на конструктивен дијалог со пратениците и институционалните актери со цел постигнување консензус во донесувањето одлуки“, истакна претседателот Гаши, Тој се осврна и на преземените активности во насока на зајакнување на парламентарната дипломатија и зголемување на влијанието на Собранието на меѓународната сцена, со цел да се позиционира како кредибилен партнер и да обезбеди поддршка за нашите европски аспирации.
Нагласи и дека транспарентноста и дигитализацијата се темелот на неговиот лидерски пристап, така што во текот на оваа година се лансирани три дигитални платформи, кои ја олеснуваат пристапноста до информациите и ја зголемуваат инклузивноста.
Зборувајќи за комуникацијата со медиумите и јавноста, Гаши посочи на бројните интервјуа, изјави, како и редовните средби со новинарите, со цел работата на Собранието да биде што е можно повидлива и потранспарентна.
Претседателот на Собранието, во оваа прилика, освен до новинарите изрази благодарност и до сите пратеници, членовите на кабинетот, вработените во Службата на Собранието, како и до меѓународните партнери, кои, како што рече придонесоа во исполнување на визијата за пофункционално, потранспарентно и попочитувано Собрание – дома и во странство.
ЛИНК до извештајот.