Македонија
Утре сончево време со температура до 33 степени

Утре ќе биде претежно сончево со слаб ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени. УВ=7
Во Скопје сончево со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 31 степен.
До петок ќе се задржи стабилно време, освен в среда околу пладне кога претежно во северните делови ќе има појава на краткотраен пороен дожд. В среда и в четврток, особено по должина на Повардарието ќе дува засилен северен ветер, што ќе услови намалување на температурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ почнува со кампања за собирање предлози од граѓаните

Од среда, 27 август, ВМРО-ДПМНЕ ќе почне седумдневна теренска кампања за собирање на идеи и предлози за проекти од граѓаните, кои ќе бидат опфатени во програмите на кандидатите за градоначалници.
Од 27 август до 3 септември во временски период од 17 до 21 часот, во сите општини низ државата, на плоштадите или прометните локации во истите ќе бидат поставени штандови дел од акцијата „Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!“ каде граѓаните на посебен формулар за оваа акција ќе можат да напишаат своја идеја која сакаат да ја видат реализирана како проект од идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
Во истиот временски интервал ќе бидат отворени и сите штабови низ државата каде членовите на партијата и граѓаните исто така ќе може да ја дадат својата идеја или предлог за проект.
Истовремено во истиот период граѓаните ќе можат да ги достават своите идеи и предлози за проекти по електронски пат, на адресата: [email protected]. Каде ќе бидат разгледани исто како и предлозите и идеите од штандовите и штабовите од тимот експерти кои ќе ги пишуваат програмите.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат масовен одзив на граѓаните, се со цел што е можно подетални и содржајни програми со проекти кои извираат директно од нив и нивните потреби.
Македонија
Поскапуваат бензините и дизелот

Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Од 26.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,265 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,378 ден/кг и сега ќе изнесува 38,265 ден/кг.
Македонија
Поради пожар во Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.