Македонија
Утре ССМ ќе го блокира Собранието: Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 за работниците е срамно
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) денес испрати уште еден повик до работниците утре во 9 часот да излезат на протест за минимална плата 600 евра и 100 евра зголемување на сите останати, со блокада на Собранието. Работниците ќе ги блокираат булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев по кои пратениците можат со автомобил да дојдат до Собранието. Ќе бидат пропуштани само возилата на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата.
„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците е срамно“, стои во денешниот повик од ССМ.
Синдикатот потсетува дека истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците. Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ“, повикува ССМ.
Доколку и понатаму молчат, ССМ ќе премине на собирање 10.000 потписи за да ги намали платите на пратениците, а да ги зголеми работничките плати.
ССМ се извини на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев и нагласи дека секој итен случај ќе биде пуштен да помине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

