Македонија
Утрото ведро и постудено, преку денот сончево и топло

Утрото ведро и постудено, преку денот сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, претежно сончево и топло со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Ќе продолжи периодот на стабилно, сончево и топло време за овој период од годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Со очајните спинови за Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ само ги потврдува сопствените скандали“, реагира СДСМ

„Тажни и очајни делуваат соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ секој пат кога ќе бидат фатени во скандал. Наместо да одговорат зошто се луксузираат на грбот на граѓаните, кои тонат во сиромаштија, тие се обидуваат да манипулираат и да го пренасочат вниманието“, реагира СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски тврди дека нема пари во буџетот за плати, нема средства за субвенции за електрична енергија, нема средства за минимална плата, нема пари за ништо – освен за приватни летови, тропско овошје и луксуз за Владата. Само за тоа има пари во буџетот.
Оваа стратегија на пренасочување на вниманието и лажни тврдења кога се во тесно, одамна е прочитана. ВМРО-ДПМНЕ не ја смени својата тактика повеќе од дваесет години. Како и што работи поранешниот претседател на СДСМ, не е од интерес за граѓаните – тој не е претседател на партијата веќе четири години.
Граѓаните сакаат одговори – дали и кога оваа Влада ќе направи нешто за да им го подобри животниот стандард?
Додека СДСМ беше на власт и премиер беше Зоран Заев, платите се зголемија за речиси 100%, се субвенционираше струјата за граѓаните, цените се држеа под контрола и имаше рекордни субвенции за земјоделците. Овие факти не можат да бидат избришани со манипулации на ВМРО-ДПМНЕ“, се додава во реакцијата на СДСМ.
Македонија
(Видео) Петрушевски: ССМ преповторува тези на СДС, целта им е да го закочат развојот на државата

„ССМ преповторува тези на СДС, целта им е да го закочат развојот на државата. Барањата за субвенционирани придонеси од страна на владата се камен за сопнување смислен од СДС, а реализиран од ССМ, кој е препознаен од народот како манипулација“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Крајниот план на СДС е застој во развојот на државата, а ССМ под палка на Слободан Трендафилов кој одработува за неговата позиција е само алатка.
СДС има за цел преку ССМ да ја закочи државата десетици милиони евра наместо во развој да се трошат на придонеси.
СДС сака да нема нови патишта, болници, училишта, градинки. СДС сака да го запре развојот, кој веќе е воочлив.
СДС не може да се помири со фактот што државата тргна напред, а економскиот раст во последните два квартали од минатата година е над 3%.
СДС се свесни дека со вакво темпо на развој на државата, тие уште толку ќе потонат во заборав, па преку вештачки наметнати теми сакаат да бидат актуелни. И за таа тема го користат ССМ и Трендафилов.
Слободан Трендафилов ја злоупотребува својата позиција во ССМ и го внесува синдикатот во непринципиелни сојузи со политичките партии СДС и Левица.
За претседателското место во ССМ, Трендафилов дебело одработува за СДС. И тој и врвот на СДС се коцкаат со иднината на државата. За среќа на државата, прочитани се и народот не ги есапи“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Мојсоска од Левицата: За ДПМНЕ во опозиција ССМ и барањата за зголемување на платите беа легитимни, а сега ништо не им е легитимно

„По соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ со кои го нападнаа претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и вчерашната изјава на премерот Христијан Мицкоски во однос на барањата на ССМ и обвинувањата дека ССМ е во коалиција со Левица, СДСМ и ДУИ“, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, потсети дека „во 2022 година токму пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека во Собранието ќе го достави барањето на ССМ за зголемување на платите“:
„Власта започна војна со синдикатите и тоа од највисоката фигура во Владата – премиерот. Вчера Мицкоски изјави дека ‘ССМ станале портпароли на Левица и СДС и дека 7 години претходно не правеле ништо за зголемување на минималната плата’.
Или Мицкоски лаже или не е запознаен што правеле неговите пратеници во опозиција. Токму пратениците од ДПМНЕ (како опозиција) имале состаноци со синдикатот ССМ и ги поднесувале нивните амандмани за зголемување на минималната плата. Истите оние кои сега ДРСКО ги одбиваат!
И пазете, Мицкоски изјавува дека ВЛАДИНА комисија ќе ја утврдува легитимноста на раководството на ССМ. Како истото раководство беше легитимно кога пратениците од ДПМНЕ седеа на маса со нив?!
Премиерот Мицкоски најави дека нема да преговара за минимална плата со “нелегитимен” синдикат. Ама затоа е спремен да преговара со претседател на Стопанска комора која учествуваше во картелско договарање на цените на маркетите и суров грабеж на народот“, напиша пратеничката од Левица, Јована Мојсоска.