Македонија
Утрото студено, преку денот претежно сончево
Денеска ќе имаме студено утро а преку денот ќе биде претежно сончево. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 8, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, утрото ќе биде студено, а преку денот сончево и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 21 степени.
Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и утрински температури кои наместа ќе се спуштаат до неколку степени под нулата. ж
По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност.
Дневната температура до средината на неделата ќе биде во постепен пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Антикорупциската комисија отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ
Aнонимна претставка, во која се оспорува законитоста на именувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), стигнала до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Претседателката на комисијата, Татјана Димитровска, рече дека претставката се однесува на наводи за незаконско именување и оформен е предмет.
Се посочува дека по обезбедените докази и изготвената документација, комисијата ќе донесе соодветна одлука за која ќе биде информирана и јавноста.
Владата минатата недела го разреши Зарко Милошевски од директор на АНБ, а на негово место беше именуван Бојан Христовски. Тој дојде од Министерството за внатрешни работи, но реакциите во јавноста ги предизцика неговиот ангажман во ВМРО-ДПМНЕ како претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.
Македонија
Николоски од Солун: Економскиот развој на регионот зависи од инфраструктурното поврзување, имаме амбициозна агенда во патната и железничката мрежа
Започнавме структурни реформи во сите сектори. Имаме амбициозна програма со која започнавме да ја менуваме сликата за Македонија. Ја реализираме наголемата инвестициона активност во патната мрежа каде започнуваме постапки за изградба на неколку автопати. Завршуваме со изградба на неколку брзи патишта. Нашиот најамбициозен проект е изградба на брза пруга токму на коридор 10 со што ќе овозможиме брза врска до солунското пристаниште и до Централна Европа. Започнавме и со промена на перцепцијата за инвеститорите, да понудиме услови кој ќе бидат конкуретни за инвеститорите и да бидеме препознати како погодна земја за инвестирање, се обрати заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на Форумот за поврзување со Југоисточна Европа што се одржува во Солун.
Тој истакна дека линкот до солунското пристаниште е Македонија и затоа треба да се размислува меѓу земјите партнери на Коридор 10 како да се олесни транспортот и трговијата и да се упростат постапките за компаниите.
„Имаме обврска како Влади да обезедиме брз и сигурен транспорт. Јас си поставив една цел а тоа е да изградам брза пруга и тоа токму во делот на Коридор 10, значи од границата со Србија па се до границата овде во Грција. Оваа пруга што сега ја имаме е бавна и не ја исполнува целта на брзиот транспорт. Коридор 10 е стратешки коридор за сите нас и затоа мора да ги искористиме неговите предности. Овој наш план е амбициозен, истовремено е приоритетен проект на кој многу посветено работиме. Паралелно со ова започнуваме со реконструкција и на постојаната пруга за да може и таа да ја биде во функција за да се користи за домашен и меѓународен транспорт. Дополнително работиме на изградба и на железница на Коридор 8 кон Бугарија. Во делот на патната мрежа силно сме фокусирани на изградба на неколку автопати и брзи патишта на Коридор 8 и 10 со што создаваме нова мрежа на патишта низ земјата”, вели Николоски.
Пред бројните компании тој ги претстави инвестициските услови потенцирајќи дека следи период кога економските индекси значително ќе бидат подобрени.
„За следната година очекуваме да имаме најголем раст на БДП-то во регионот. Започнавме да работиме на заедничко поврзување со Грција преку интерконекторот каде ќе се поврземе на гасот од Азербејџан. Очекуваме во следниот период овој гасовод да биде изграден и да ја намалиме зависноста од рускиот гас што значително ќе влијае врз производството. Во овој период имаме силен развој и во сегментот на снабдување со енергија од фотонапонски централи. Работиме на професионализација на администрацијата, на поедноставување на процедурите Нашите планови се сериозни и верувам дека ќе ги реализираме. Ме прашавте за домашните компании. Најголем дел од извозно ориентираните зависат од солунското пристаниште и затоа имаме обврска кон нив да обезбедиме модерни врски, евтини врски за да ја олесниме нивната работа. Тоа и го работиме”- потенцираше Николоски.
Во текот на денот тој ќе оствари билатерални средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Стакурас, како и со министерот за поморски работи и островска политка, Христос Стилинидис.
Форумот за поврзување со Југоисточна Европа, претставува собир на највлијателните компании и организации за транспорт од Грција, стопански комори, логистички центри и различни финансиски институции.
Македонија
Нови канти за отпадоци за домаќинствата во општина Кисела Вода
Општина Кисела Вода направи нов значителен чекор кон подобрување на хигиената и животната средина со обезбедување на нови 1212 канти за отпадоци и 59 контејнери.
Оваа донација од Министерството за животна средина е дел од заедничките напори за унапредување на условите за живот на жителите на овој дел од градот. Имено, сите домаќинства кои поседуваат стара оштетена канта ќе добијат нова, училиштата и градинките ќе добијат нови контејнери, а старите дотраени канти ќе бидат предадени на фирма специјализирана за рециклирање на отпад.
-Подобрувањето на хигиената е од суштинско значење за животната средина и за здравјето на граѓаните. Со замената на старите и оштетени канти, воспоставуваме поефикасен и поеколошки начин за справување со отпадот. Сите домаќинства кои имаат оштетени канти ќе можат да ги заменат со нови, преку пријавување во канцелариите на месните заедници низ општината. Старите канти, откако ќе бидат собрани, ќе бидат предадени на специјализирана фирма за рециклирање, со што дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина. Сакам да изразам голема благодарност до Министерството за животна средина за оваа значајна донација, но и да апелирам до сите граѓани да го одлагаат отпадот соодветно и да ги користат новите канти и контејнери наменски. Со тоа, не само што ќе придонесеме за чиста животна средина, туку и ќе го подобриме квалитетот на живот за сите нас-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.