Македонија
Ковачки, Сали и Петровска учествуваа на 70-тата годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО
На 70-тата годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржува од 22 до 25 ноември 2024 година во Монтреал, Канада, учествува делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав: Драган Ковачки, шеф на делегацијата, и пратениците Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на делегацијата.
На пленарната седница ѝ претходеше одржување на постојаните комитети на ова Собрание, на чиј дневен ред се разгледуваа повеќе извештаи и предлог-декларации за усвојување на седницата. Парламентарците ја потврдија својата силна поддршка на Украина и потребата за воена, финансиска и хуманитарна помош, како и правото за легитимна самоодбрана, во согласност со принципите на Обединетите нации. Истовремено, беше поддржана актуелната адаптација на НАТО во согласност со новите стратешки предизвици, со апел до земјите да ги зголемат трошоците до одбраната над 2 % од БДП за подобар придонес кон колективната одбрана.

Во однос на зголеменото поврзување на автократските сили во светот, особено Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и Белорусија и нивните стратегии за поткопување на демократските вредности, единствен беше ставот за засилено дејствување и унапредување на заедничките активности на земјите од алијансата, со цел подобро справување со овие закани по модерните општества и граѓаните. Во тој контекст, членките беа повикани исто така целосно да ги спроведуваат постојните и секундарните санкции и да вршат поголема контрола во извозот на воена технологија. Регионот на Западен Балкан и Црното Море, како и глобалниот југ, беа детектирани како можни точки за дестабилизација и надворешни влијанија од трети страни и од тие причини беше постигната согласност за зајакнување на поддршката на НАТО преку заеднички активности со овие земји. Пратениците го поздравија унапредувањето на соработката со партнерите на алијансата, кои споделуваат заеднички вредности и нивната поголема вклученост во активностите на Парламентарното собрание на НАТО.
Шефот на делегацијата, Драган Ковачки, на учеството на Постојаниот комитет на ПС на НАТО ги извести и покани своите колеги за нашата иницијатива да бидеме домаќини на следниот состанок на Комитетот во април в година во Скопје, во годината кога ќе ја одбележиме 5-годишнината од влезот на земјата во НАТО како 30-ти сојузник. Настанот ќе биде можност уште еднаш да ја потврдиме нашата посветеност кон исполнување на целите и да понудиме наши искуства и капацитети за одбранбени и воени прашања важни за овој дел на крилото на НАТО, посочи Ковачки.

На пленарната седница свои пригодни обраќања имаа: Џастин Трудо, премиер на Канада, Руслан Стефанчук, претседавач на врховната Рада на Украина, Рејмонде Гање, спикер на Сенатот на Канада, и Борис Руге, в.д. заменик-генерален секретар на НАТО. Беа усвоени пет резолуции и препораки за владите на земјите членки на НАТО: идно докажување на алијансата и поддршка на Украина со победа; зајакнување на интегрираната воздушна и ракетна одбрана на НАТО; борба против сексуални насилства за време на конфликт; галванизирање на технолошката предност за поддршка на просперитетот и безбедноста на алијансата; и искористување на можностите за одговорна употреба на вештачка интелигенција во воениот домен.
Парламентарното собрание избра ново раководство на сесијата, со Маркос Перестрело де Васконселос од Португалија за претстедател и пет потпретседатели: Џули Деровиц од Канада, сер Алек Шелбрук од Обединетото Кралство, Мико Савола од Финска, Агнес Вадаи од Унгарија и Јохан Вадерфул од Германија. На Аврил Хејнс, првата жена директор на Националното разнузнавање на САД, ѝ беше доделена наградата „Жени за мир и безбедност“ на ПС на НАТО за 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

