Македонија
Учество на министерот Муцунски на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО
На покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што се одржа во Брисел, во седиштето на НАТО Алијансата.
Во рамките на сесијата посветена на југот, во присуство на кралот на Јордан, Абдула Втори, министерот Муцунски, во име на нашата држава и земјите од регионот, Албанија, Хрватска и Црна Гора, ги пренесе ставовите за важноста која Алијансата ја дава на овој значаен регион за НАТО, особено на Јордан како близок партнер на Алијансата. Министерот ја истакна потребата од поблиска соработка во справувањето со заедничките предизвици и закани, како што се тероризмот и одржувањето на стабилноста во регионот. Тој ја акцентира важноста од отворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Аман, што ќе даде нов поттик во односите помеѓу НАТО и Јордан, како и дополнителна вредност за развојот на партнерските односи со земјите од Јужното соседство.
Министерот Муцунски се обрати и на Советот НАТО – Украина, на кој учествуваа новиот министер за надворешни работи на Украина, Андри Субиха, и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Маја Калас. Во своето обраќање, министерот ја потенцираше важноста од продолжување на поддршката што земјите, индивидуално и заеднички во рамките на Алијансата, ја даваат на Украина. Тој ја истакна нашата недвосмислена определба за севкупна поддршка на Украина во нивната борба за обезбедување на мирот, независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот. Притоа, ја нагласи потребата од реализација на реформските напори на Украина, преку имплементација на зацртаните приоритети што ќе овозможат целосна интероперабилност со земјите членки на НАТО, со цел понатамошна евро-атлантска интеграција на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

