Македонија
Учество на Муцунски на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО: нагласен фокусот на алијансата врз Западен Балкан
На покана на генералниот секретар на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел, Кралството Белгија, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Состанокот претставува добра можност министрите заеднички и во поширок формат да се осврнат на актуелните безбедносни случувања кои имаат импликации за европскиот континент и пошироко.

Фокусот на првиот ден од состанокот беше ставен на состојбите поврзани со руската агресија врз Украина, при што беше реафирмирана силната поддршка за дипломатските напори предводени од САД за постигнување прекин на огнот и траен, долгорочен мир преку политички дијалог и почитување на меѓународното право.
Министрите разговараа и за потребата од зголемување на издвојувањата во областа на одбраната, како и зајакнување на капацитетите и способностите на НАТО за градење колективна безбедност и одбрана, со цел ефективен одговор на заедничките закани и предизвици.

Особено беше нагласен фокусот на Алијансата врз Западен Балкан, како важен елемент за обезбедување на регионалната, но и на севкупната европска безбедност и стабилност, известуваат од Министерството.
Во време на сложени геополитички услови, кои носат широки безбедносни предизвици, министерот Муцунски ја нагласи важноста од одржувањето на единството меѓу сојузниците како столб на заедничката безбедност, значаен за заштитата на заедничките вредности.

Во оваа насока, тој ја потенцира и важноста на нашиот регион како простор од стратешко значење и за НАТО и за Европската Унија, со потреба да остане високо на агендата на двете организации. Притоа, побара зголемено внимание и стратешки пристап, особено во контекст на напорите на земјите од регионот за реализација на нивните европски и евро-атлантски аспирации преку брза имплементација на интегративните процеси, соопшти Министерството надворешни работи и надворешна трговија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

