Македонија
„Уште седум нови барања за апанажа – 750.000 евра го чинат народот поранешните функционери на ДПМНЕ, СДС и ДУИ“, велат од партијата Левица

Пред околу две недели собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им одобри апанажа, во траење од една година, на 29 пратеника од минатиот парламентарен состав. Тие на товар на граѓаните, од народниот буџет ќе примаат надоместок од околу 600 000 евра, велат од партијата Левица.
„На овие 29 системски паразити, кои бесрамно ги цицаат народните пари за време на рекордна сиромаштија, деновиве им се приклучуваат уште седум пратеници од претходниот состав: Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска – Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партија за движење на Турците и Бастри Бајрами од Беса, со што дополнително ќе се исцицаат над 150 000 евра од народниот буџет.
Ова претставува последниот од долгата низа на показатели за еклатантна класна дискриминација во македонското општество, во коешто системот функционира, единствено, за задоволување на потребите на богатите економски и политички елити, додека нормално четиричлено семејство не може да ја задоволи ниту минималната синдикална кошничка од 1000 евра.
Ја потсетуваме јавноста дека, единствено, пратеникот од редовите на политичката партија Левица, Борислав Крмов, кој согласно нашата програма и идеолошка определба, како и нашиот предлог-закон за укинување на апанажата предложен уште во 2022 година, а кој беше одбиен од страна на широката коалиција СДС-ДПМНЕ-ВЛЕН-ДУИ, беше единствениот народен пратеник кој гласаше против“, се додава во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити во Чаир, Касами во Тетово, Бакиу во Скопје – ВЛЕН ги објави кандидатите за градоначалници

Централното претседателство на ВЛЕН ги избра кандидатите за претстојните локални избори. Во Тетово за нов мандат ќе се бори актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Чаир, ќе се кандидира првиот вицепремиер, Изет Меџити, а во Струга, ВЛЕН го поддржува независниот кандидат Менди Ќира.
Во Кичево ќе го кандидира министерот за Социјална политика, Фатмир Лимани, во Дебар кандидат на ВЛЕН ќе биде заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела.
Во Градот Скопје, ВЛЕН го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу.
Во Сарај, кандидат на ВЛЕН ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Арачиново ВЛЕН ќе настапи со Даут Беќири.
Во Желино актуелниот градоначалник на оваа општина, Блерим Сејдиу, во Теарце ќе се кандидира директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, во Боговина, ВЛЕН го кандидира Фети Абази, во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани и во Долнени, ВЛЕН ќе се кандидира со наставникот Блерим Ислами од село Цернилиште.
Од ВЛЕН велат дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка и дека во разговори се со неколку кандидати.
„Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на ВЛЕН и, како што претходно одлучивме, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Всушност, освен што се кандидати на ВЛЕН и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и политичката припадност“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.