Македонија
Уште шестмина руски дипломати ќе бидат протерани од Македонија
Министерството за надворешни работи информира дека денеска бил повикан амбасадорот на Руската Федерација во земјата, Сергеј Баздникин, кому му била врачена дипломатска нота, со која шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или персона нон грата.
„Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности што се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена“, се наведува во соопштението на Министерството.
МНР пред две недели прогласи петмина дипломати на руската амбасада во Скопје за непожелни. Од почетокот на војната во Украина, Русија ја прогласи Северна Македонија за непријателска држава, откако земјата се приклучи кон санкциите на ЕУ.
Минатата година двајца руски дипломати беа прогласени за персона нон грата, едниот во мај, а вториот во август, и беа протерани од Северна Македонија.
И во двата случаја Русија реагира со реципрочни мерки, односно со протерување македонски дипломати од Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.