Македонија
УЈП: Изнајмувачите на педалинки, кајчиња, лежалки и другите вршители на дејност од времен карактер, да поднесaт барање за паушално плаќање на данок
Управата за јавни приходи се обраќа кон сите физички лица кои вршат определена дејност од времен карактер (продавачи на крофни, пуканки, пченка, цедени сокови, изнајмувачи на педалинки, кајчиња, велосипеди, лежалки, сликање со влекачи и друго ) на пазарите и на отворени простори и локации одредени од локална самоуправа, од приредувачи на манифестации или на други отворени простори дека се должни да поднесат барање за паушално плаќање на Данокот на личен доход најдоцна пред отпочнување на вршење на дејност, до организациските единици на УЈП.
„Пример: Даночниот обврзник – физичко лице кое отпочнува да врши дејност од времен карактер на 15.07.2024 година и дејноста ќе ја врши до 31.08.2024 година, барањето за овој период го поднесува најдоцна до 14.07.2024 година. Барањето за паушално плаќање на данокот на личен доход можете да го превземете од Веб страната на УЈП на следниов линк http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/200 или во просториите на Управата за јавни приходи ширум државата. Контактирајте ја Управата за јавни приходи преку Инфо центарот 0800 33 000 или во Регионалните дирекции/Даночните одделенија на Управата за јавни приходи, за сите Ваши прашања“, се наведува во соопштението од УЈП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

