Македонија
УЈП: Обврската за пријавување и даночење доход од странство не е нова законска мерка, пропустите во минатото се прашање на претходни раководни структури
Управата за јавни приходи во врска со најавениот протест во Куманово за ретроактивно оданочување на приходи остварени во странство, известува дека постапувајќи согласно Уставот, законите и меѓународните договори што ја обврзуваат Република Северна Македонија, има обврска да обезбеди еднаква примена на законските правила за сите граѓани.
„Затоа, пред сè, сакаме јасно и недвосмислено да појасниме дека согласно Законот за данок на личен доход, обврската за пријавување и оданочување на доход остварен од странство не претставува нова законска мерка, ниту одлука донесена во текот на оваа година која би се применувала ретроактивно. Законската регулатива за оданочување на доходот од странство постои од секогаш и е усогласена со универзалниот принцип кој постои во секоја даночна јурисдикција според кој секој даночен резидент целокупниот свој светски доход го оданочува во државата во која е резидент“.
Фактот, како што велат, што во минатото оваа обврска не била доследно применувана и некои граѓани не го пријавувале својот доход, а Управата за јавни приходи тоа не го контролирала, не значи дека законската обврска не постоела, ниту дека може да биде изземена од законската примена.
Управата за јавни приходи нагласува дека постапува во рамки на своите законски надлежности, а евентуалните пропусти во минатото се прашање на претходни раководни структури.
„Управата за јавни приходи е свесна дека кај дел од граѓаните кои добија известувања во врска со доход остварен од странство се појавуваат чувства на несигурност и загриженост затоа што можеби немале целосни или јасни информации за тоа дека согласно закон имаат обврска да го пријават овој доход, додека други граѓани сепак ја исполнувале својата обврска. Но, во целиот процес Управата(УЈП) пристапи целосно транспарентно, со јасни и целосни информации од каде произлегува законската обврска и објаснувања чекор по чекор како правилно да се поднесе пресметка, да се достави документација и да се изврши уплата на данокот, без стрес и без потреба граѓаните физички да доаѓаат во организационите единици на УЈП“.
Известувањето од УЈП кое го добија граѓаните, појаснуваат од оваа институција, претставува повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно со законот, односно можност да достават докази заради правилно утврдување на даночната обврска.
„Нагласуваме дека резидентите кои за остварениот доход веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени. Законот и договорите за одбегнување на двојно оданочување овозможуваат признавање на платениот данок во странство како даночен кредит, или враќање на платениот данок во странство врз основа на докази, со што се обезбедува правичен и законски третман на сите граѓани без исклучок. Во крајна линија, граѓаните кои сметаат дека се повредени нивните права во даночната постапка која се спроведува сега, имаат можност за користење на редовни правни лекови. Крајната цел на овој процес е, не само да се плати данокот што сега се должи, туку овие граѓани да бидат целосно информирани и да се вклучат во даночниот систем преку редовно, навремено и точно исполнување на даночните обврски понатаму. Во овој процес кој Управата за јавни приходи го спроведува, суштински е принципот на еднаквост на сите пред законот. Сите граѓани кои се даночни резиденти имаат еднакви обврски и еднакви права“.
Според УЈП, прашањето не е само во контекст на даночната усогласеност и правично оданочување, туку има и пошироки и покомплексни аспекти.
Оценуваат дека Ууедното пријавување на доходот е важно за да се спречи стекнување личен имот од неоданочени средства и да постои правичност во користењето на јавните добра и услуги кои се достапни до сите граѓани.
„Лицата-резиденти кои остваруваат доход од странство, а не го пријавуваат, системот не ги препознава како граѓани кои остваруваат доход, што при остварување на социјални и други права на овие лица и членови на нивните семејства може да создаде нерамноправност во однос на оние кои редовно ги пријавуваат своите доходи и го плаќаат данокот. Средствата од буџетот се наменети за заеднички потреби на сите граѓани на Македонија, но секој треба да учествува во собирањето на овие средства преку плаќање на даноците согласно со закон. Управата за јавни приходи останува посветена на мисијата да обезбеди фер и праведно оданочување и владеење на правото како императив во општеството“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

