Македонија
УЈП со повик за исполнување на ДДВ обврските: евидентирана е загрижувачка состојба

Управата за јавни приходи информира дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ).
„Според последните податоци: не се поднесени ДДВ-пријави од 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници. Пријавен, но неплатен ДДВ-долг е евидентиран кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, со порака: „Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија, темел за функционална држава.“
Управата за јавни приходи, како што додаваат во информацијата, веќе доставила персонализирани известувања до сите ДДВ-обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
„Преку координирано постапување и интензивна комуникација со даночните обврзници и со сметководителите, се спроведува целосен сет активности и мерки — со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. За секој ден на задоцнување, се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг. По доставата на опомените, управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. Со цел навремено информирање и исполнување на обврските, како и обезбедување солидна даночна историја, УЈП останува во постојана комуникација со сите релевантни страни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) ДИК: На две избирачки места гласањето се одвива без користиње на уредот за биометриска идентификација

Во Куманово едно избирачко место, број 1133, каде се запишани 12 гласачи, поради објективни околности, односно немање струја во тоа избирачко место, се гласа без уредот за биометриска идентификација, известија од ДИК.
„Согласно Изборниот законик, ДИК донесе одлука гласањето на ова избирачко место да продолжи непречено без користиње на уредот за биометриска идентификација. Не сакавме да се губи времето, затоа одлучивме на ова избирачко место гласањето да продолжи со користење на УВ спреј и УВ ламба“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Иста ваква одлука е донесена за едно избирачко место во Штип, број 2271 каде што има запишано 507 гласачи.
„На ова избирачко место поради технички причини, ИТ лицата ангажирани од ДИК направија обид со два резервни уреди и две смарт картички, но не можеше да се стартува тој уред за биометриска идентификација. За непречено одвивање на гласањето, донесовме одлука и во ова избирачко место гласањњто да продолжи со УВ спреј и УВ ламба за идентификација на гласачите“, додаде Кондарко.
Македонија
(Видео) Тошковски: На терен се над 90 отсто од силите со кои располага МВР

Денеска е ден на демократијата, денеска македонските граѓани ќе можат да си го остварат своето право на глас во рамки на едни фер и демократски избори да си ги изберат своите градоначалници и советнички листи, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој извести дека само во едно место, село во општина Прилеп, гласањето започнало подоцна.
Министерот очекува мирна, демократска и фер изборна атмосфера.
„Ги повикувам сите граѓани да го остварат своето право на глас, да ги дефинираат чекорите во иднина, да можеме да искреираме иднина каква што заслужуваат нашите граѓани“, кажа Тошковски.
Тој додаде дека се активирани над 90 отсто од силите со кои располага МВР и се фокусирани на спроведување на мирен изборен процес.
„Ги преземаме сите дејствија коишто треба да се преземат. На терен сме, ги контролираме оние жешки точки. Сега за сега нема никакви проблеми. Имаме констатирано четири настани кадешто има потенцијално нарушување на изборниот молк во текот на вчерашниот ден. Се постапува и се истражува. По утврдувањето на целосната фактичка состојба ќе биде известена јавноста“, извести Тошковски.
Македонија
ДИК: Навреме отворени сите избирачки места, гласањето се одвива без проблем

Државната изборна комисија извести дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Се гласа за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Гласањето на локалните избори започна во 7:00 часот и ќе трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.