Македонија
Фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес казнета со 50 илјади евра поради загадување
Владата информира дека комбинираните тимови од инспектори и припадници на МВР изрекоа повеќе мерки и глоби при спроведување на засилените контроли за спречување на аерозагадувањето.
„Изречени се повеќе глоби и забрани за утврдени инциденти и активности кои значително влијаеле на загадувањето на воздухот и животната средина во повеќе општини минатата недела во рамките на активното спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето предвидени во програмата и планот за чист воздух донесени од Владата, спроведени од комбинираните тимови составени од седум владини советници, кои во координација со сите инспекторати во државата, вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи, преземаат активности за спречување на загадувањето на воздухот.
Инспекторатот на Град Скопје по реакција на граѓани, излегува на терен заедно со акредитирана лабораторија, спроведува вонреден инспекциски надзор и мерење на граничните вредности од стационарниот емитер“, се вели во соопштението.
Биле извршени вонредни инспекциски надзори во правни субјекти, обиколки на површини и диви депонии, како и контрола на начинот на кој се загреваат субјектите во повеќе општини во земјата (меѓу кои Босилово, Виница, Тетово, Гостивар, Илинден, одделни општини во Скопје, Карпош, Центар, Гази Баба, Шуто Оризари, Сарај, Конче, Куманово, Велес, Гевгелија…)
Во општина Велес при надзор на инсталациите и објектите што подлежат на Б-дозволи и eлаборати беа изречени неколку мерки, меѓу кои спогодување за плаќање глоба во износ од 50.000 евра на прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ АД Велес, која треба да се плати на сметка на буџетот во рок од 15 дена за пожарот во Б-инсталацијата, со кој се предизвика значително негативно влијание врз животната средина и амбиенталниот воздух, изречена е забрана за употреба на опрема за дробење во еден правен субјект – Б-инсталација за сепарирање песок, решение за отстранување недостатоци кај автомеханичарска работилница, решение за постапување со отпад од вршење дејност во работилница, како и одземање железнички прагови и нивни делови пронајдени кај физичко лице, кои биле користени за греење.
„Во дел од општините беа издадени известувања до правните субјекти да се придржуваат до наведените мерки од нивните елаборати за заштита на животната средина иако не беа констатирани видливи траги на загадување на воздухот. Компаниите што немаат извршено мерења на емисии во воздухот со решение беа задолжени да ги извршат според дозволата што ја поседуваат, беа изречени усни опомени за несоодветно распоредување отпад, како и опомени за отстранување хаварисани, нерегистрирани возила.
Секојдневни интензивни контроли од тимовите составени од инспектор за животна средина и комунален инспектор и редар се вршат во речиси сите општини во државата и за тоа се испраќаат извештаи до канцеларијата на претседателот на Владата на РСМ.
Контролирани беа сите места во градот кои се потенцијални извори на загадување, како земјоделски земјишта, каде што се палат стрништа, угостителски објекти, каде што се појавил чад, како и обиколка и контрола на фабрики по поднесена пријава дека е забележан чад или непознат мирис.
Во дел од општините, како во општина Конче, на огласните табли беа поставени соопштенија за забрането палење стрништа, депонии и друг вид отпад. За да ја олесни комуникацијата и да ги охрабри сите засегнати граѓаните, со цел континуирано да се спроведуваат активностите за борба против аерозагадувањето, Инспекторатот на Град Скопје на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави упатство во кое се даваат насоки како граѓаните побргу и поефикасно да пријавуваат секаков вид загадување на амбиенталниот воздух“, се додава во соопштението.
Во објавата до граѓаните се објаснува како на едноставен начин секој може да се вклучи во пријавувањето на загадувачите, со испраќање фотографија и податоци за локацијата на загадувачите, со што ќе се овозможи побрза реакција на инспекторите и откривање на загадувачите. Во наредниот период надлежните ќе продолжат со вршење вонредни инспекциски надзори во правни субјекти кои поседуваат елаборат за заштита на животната средина секаде каде што има појава на емисии во амбиенталниот воздух, ќе контролираат површини каде што постојат депонии и стрништа и редовно ќе известуваат за преземените интервентни акции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

